Два часа бесплатен паркинг за сите граѓани при првото преземање на апликацијата на ЈП ПОЦ

од Берта Китинска
333 прегледи

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“ ја пушта во употреба новата верзија на мобилната апликација со која сите услуги на претпријатието стануваат достапни и на мобилните телефони. Од денес, со првото преземање на апликацијата сите корисници ќе добијат 2 часа бесплатен паркинг, додека жителите на Општина Центар ќе добијат 30 часа бесплатен паркинг во гостинскиот пакет на М-картата.

Новата верзија на апликацијата нуди безбедна активна геолокација за прецизна одредба на паркинг зоната, електронско плаќање паркинг, склучување и продолжување договор за резиденти и нерезиденти и електронско плаќање за истите, најавување на гостински регистрации преку М-картата, пријавување на оштетена урбана опрема на територија на Општина Центар со прикачување на фотографија, електронско плаќање на дневна паркинг карта (ДПК), месечен билет и други типови на билети, како и многу други поволности.

„Апликацијата ја дизајниравме според најновите светски технолошки трендови со цел да ја подобриме достапноста и да им овозможиме на корисниците брзо, лесно и едноставно користење на нашите услуги и на паркиралиштата со кои стопанисуваме. Отсега, граѓаните ќе можат безбедно да плаќаат паркинг со платежна картичка и притоа да заштедат 5 денари за трошоците за праќање смс порака бидејќи апликацијата користи активна геолокација која овозможува прецизна одредба на паркинг зоната во која се наоѓаат.“ – изјави Васко Кичевски, директор на „ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.

Веќе од денес, жителите на Општина Центар ќе можат да ги пријавуваат комуналните проблеми на територија на општината. „Со воведување на оваа опција на апликацијата ќе имаме точна слика за секој комунален проблем на територија на Општина Центар. Секој жител кој ќе забележи оштетена урбана опрема како прегорена сијалица, оштетена клупа, дупка на некоја од сервисните улици или некој сличен комунален проблем, ќе може да ни испрати фотографија која претходно ќе биде геолоцирана и на тој начин ќе добиеме информација за точната локација на проблемот. Фотографијата веднаш ќе биде препратена до вработените на Општина Центар кои ќе алармираат за побрзо решавање на комуналниот проблем. На овој начин ќе можеме да бидеме во постојана комуникација со граѓаните кои ќе добиваат повратни информации за решениот проблем кој тие ни го имаат предочено.“, кажа градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Слични содржини