Два дена по изјавата на Трамп за подморниците, Русија и Кина започнаа воени вежби

од Весна Петровска
29 прегледи

Руската и кинеската морнарица одржуваат заеднички артилериски и антиподморнички вежби во Јапонското Море како дел од планираните воени маневри, објавија вчера руските власти.

Вежбите, наречени „Поморска интеракција 2025“, започнаа два дена откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека наредил распоредување на две нуклеарни подморници како што ги нарече „соодветни региони“ како одговор на „глупавите и провокативни“ нуклеарни закани од поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.

Руските власти истакнаа дека вежбите биле договорени и планирани многу пред изјавата на Трамп.

Според руските државни медиуми, во вежбата учествува заедничка група воени бродови од двете земји, вклучувајќи голем руски антиподморнички брод и два кинески разорувачи. Во маневрот се вклучени и дизел-електрични подморници на двете страни, како и кинески брод за спасување подморници.

Вежбите, кои треба да завршат утре, вклучуваат артилериски оган, обука за војување против подморници, операции за воздушна одбрана и заеднички мисии за пребарување и спасување.

Алијанса без ограничувања

Русија и Кина потпишаа стратешко партнерство „без ограничувања“ непосредно пред Москва да започне целосна инвазија на Украина во 2022 година. Оттогаш, двете земји дополнително ги продлабочија воените и економските врски.

Иако Пекинг тврди дека е неутрален во војната во Украина, тој стана една од клучните потпори на Русија – обезбедува одбранбена опрема и купува големи количини руска нафта.

Трамп на 1 август изјави дека наредил распоредување на подморниците како одговор на „многу провокативните“ изјави на Медведев за можноста за војна меѓу нуклеарно вооружените сили.

Соединетите Американски Држави и Русија поседуваат најголеми нуклеарни арсенали во светот и ретко откриваат детали за движењата на нивните подморници.

Изјавата на Трамп доаѓа во време на растечки тензии со Москва и фрустрација поради недостатокот на напредок во завршувањето на војната во Украина.