Комплиментите лесно нè освојуваат затоа што нè прават да се чувствуваме добро и прифатено. Но, понекогаш тие комплименти што звучат најубаво всушност нè учат да се прилагодиме на нешто, вели психологот Марк Траверс.
„Во одредени врски, комплиментите не потврдуваат кои сме, туку нè насочуваат кон она што е посоодветно за другите. Така незабележливо почнуваме да се менуваме себеси за да останеме сакани – дури и ако тоа значи потиснување на она што навистина го чувствуваме“, објасни тој за Psychology Today.
Тој истакна два комплименти кои всушност се форма на контрола и манипулација.
„Како си секогаш толку смирен?“
„Ова е комплимент кој често не наградува емоционална сила, туку емоционална тишина. На почетокот, звучи како признание за зрелост и внатрешен мир, особено за оние кои се навикнати да ја играат улогата на миротворец. Но, всушност, таквите пофалби можат да зборуваат повеќе за потребата на некој друг за мир отколку за вашата отпорност“, вели психологот.
Кога нашата смиреност не провоцира или вознемирува никого, таа станува нешто што се очекува од нас, додава Траверс. „Можеби почнувате да ја преправате таа смиреност дури и кога сте во болка – затоа што токму тоа станала вашата улога во врската. И кога смиреноста повеќе не е слободен избор, туку очекуван модел на однесување“, истакнува тој.
„Ти си единствената личност со која можам да разговарам“
Овој вид комплимент нè воздигнува поради нашата емпатија, но тивко нè претвора во личност која е одговорна за емоциите на другите луѓе. На почетокот може да изгледа како знак на голема блискост и доверба, но всушност може да значи емоционална зависност.
„Со текот на времето, оваа потреба да бидете постојано достапни и емоционално усогласени може да ги исцрпи вашите граници. Чувството дека сте потребни на некого може да ве одвои од вашите сопствени потреби. Наместо вистинска блискост, се создава динамика во која емоциите на другите луѓе стануваат ваша одговорност, а вашата поддршка нивна неопходност“, заклучува Траверс.