Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) објави два јавни повика за инструментот кофинасирани грантови за технолошки развој во вкупна ведност од шест милиони евра.
Првиот по скратена процедура, во вредност од три милиони евра, ќе биде отворен до 27 декември годинава и на него ќе можат да аплицираат компании кои годинава веќе учествувале на јавните повици на ФИТР и ги поминале административната и претселективаната фаза. Вториот, во вредност од три милиони евра, е по редовна постапка и ќе биде отворен до 5 февруари идната година и на него ќе можат да аплицираат и компании кои досега не учествувале на претходните јавни повици на Фондот.
Повиците се наменети за микро, мали и средни компании, како и за приватни здравствени установи (ПЗУ) до 250 вработени и не повеќе од 10 милиони евра годишен приход кои се регистрирани во земјава без разлика на нивната сопственост. Со нив ФИТР ќе покрива до 30 отсто од инвестицијата, а останатите 70 отсто ќе треба да ги обезбеди апликантот од сопствени средства или од други извори.
– Клучната новина што ја воведуваме со јавниот повик денеска е скратената процедура за аплицирање, односно го олеснуваме пристапот на компаниите до средства за реализација на инвестициски проекти. Скретената процедура важи за сите компании апликанти кои во изминатава година учествувале на јавните повици на ФИТР по било кој инструмент и при тоа поминале две од трите фази на оценувањето. Тие веднаш одат до Комитетот за одобрување на инвестиции за разгледување и донесување на конечна одлука, а административните проверки ќе се направат пред потпишувањето на договорите – рече директорот на ФИТР Јован Деспотовски на денешната прес-конференција во Владата..
Со двата повика по потпишувањето на договорите, нагласи, очекувам дека ќе поттикнеме инвестициски циклус во приватниот сектор од најмалку 20 милиони евра.
– За микро компании ќе нудиме кофинасирање од 30 отсто од инвестицијата за проектот, но не повеќе од пет милиони денари, а за малите и средни компании компании исто така до 30 отсто од инветицијата, но не повеќе од 10 милиони денари. Соодветно ќе биде и за ПЗУ – појасни Деспотовски.
Тој посочи дека очекува целосната процедура за првиот повик да заврши до јануари идната година и да почне исплатата на средствата, а за вториот повик постапките за оценување ќе течат и покрај изборите, но одлуките за финасирање нема да се носат се додека не заврши изборниот процес иако, како што кажа, има законска можност за тоа.
– Со овој инструмент поттикнуваме, односно поддржуваме компаниите да воведуваат современи практики и технологии во своето работење со кои ќе станат поконкурентни. Финансираме трошоци за набавка, изнајмување или изработка на опрема, реновирање на хали, софтверски алатки, како и трошоци поврзани со подготовка и реализација на обуки, со спроведување на план за подобра организациска структура,…, а не е дозволено кофинансирање на трошоци за плати и набавка на стоки и услуги од домашни јавни претпријатија, за угостителски услуги… Очекуваме дека средствата ќе бидат искористени во целост – рече Деспотовски.
Тој потенцира дека една од деловните банки веќе има програма која им помага на компаниите од други извори да ги обезбедат средствата во износ од 70 отсто од проектот што им се потребни за финасирање на програмата со која кокурираат на јавните повици на ФИТР и ги повика и другите деловни банки да го направат тоа.
Двата јавни повика и условите за државна помош, како и неопходните формулари за аплицирање и критерумите по кои ќе се врши оценувањето од денеска се објавени на веб-страницата на Фондот. Според Деспотовски, на компаниите кои прв пат ќе аплицираат во редовната постака за грантови им се нуди техничка помош во постапката за аплицирање од страна на ФИТР што ќе биде на товар на Фондот.