„Некој без моја дозвола споделува интимни фотографии на Фејсбук и Телеграм групи. Два пати бев да пријавам во полиција, но не ми помогнаа. Ми рекоа дека не преземаат такви случаи, требало да се собереме повеќе девојки за да може да се почне истрага. Во групите споделуваат видеа и слики и од многу малолетни девојчиња“, раскажа за Локално девојка од Скопје чиј идентитет е познат на редакцијата.
Таа вели и дека многу од малолетните девојчињата чии слики и видеа се злоупотребуваат се плашат да пријават. Девојката, како што покажа на редакцијата, и по трет пат се обиде да пријави, овојпат со надеж дека надлежните институции ќе постапат согласно законите.
„Ви се обраќам со надеж дека ќе ми помогнете да се затворат групите оти со вакво занемарување они си земаат замав“ гласи дел од имејлот што девојката го испратила на адресата на Секторот за Компјутерски Криминал во МВР во кој исто така, очајно предупредува дека „нечиј живот може да згасне“.
Според она што Локално можеше да го види, станува збор за Фејсбук група која има 8 800 членови, а формирана е 2020 година. Во групата, администраторите најавуваат кој ден и во колку часот ќе споделат компромитирачки снимки, а откако ќе помине извесно време ги бришат таквите постови. Но, во групата на Телеграм фотографиите и видеата се споделуваат постојано.
За да се заштити индентитетот на жртвите, редакцијата на Локално во овој момент нема јавно да ги сподели имињата на овие групи кои таргетираат жени и девојки и малолетни деца, меѓу кои има и припаднички на ранливи групи.
Локално побара одговори од МВР зошто не е постапено според законите уште при првите пријавувања, и дали сега ќе започне истрага бидејќи е очигледно дека ова е злоупотреба на лични податоци, злоупотреба и промовирање малолетничка порнографија, вклучително и детска порнографија и одмаздничка порнографија.
Одговорот кој го добивме од Секторот за Компјутерски Криминал во МВР гласи дега до вчера не добиле пријава за тие групи, но истите ќе бидат разгледани и доколку истите се активни и има јавно достапни содржини, односно доколку на истите има објавување на слики со експлицитна содржина од малолетни лица, тогаш за тоа ќе биде известено Основно јавно обвинителство Скопје и ќе се започне процедура за добивање на податоци за администратори на таа група, бидејќи објавување на слики од малолетни лица со експлицитна содржина е кривично дело и се гони по службена должност согласно членот член 193-а – Производство и дистрибуција на детска порнографија од КЗ на Р.С. Македонија.
Од МВР исто така, во одговор за Локално посочија дека доколку групите се затворени и доколку некој има информација има сознанија за објавување на слики со експлицитна содржина од малолетни лица, а сака да помогне во истрагата, да достави принтскрин фотографии од објавите на нашата имејл адреса [email protected], со цел истите да послужат како доказ во постапка.
„Секој член на затворена група може да пријави на опцијата „report“ на спорните фотографии со цел од страна на одговорните лица во компанијата Фејсбук објавите да бидат отстранети, а со тоа жртвите заштитени, по што групата според правилата на Metasplatforms Inc ќе биде затворена.
Доколку на посочените групи има објави од експлицитни слики од полнолетни лица – потребно е да добиеме пријава од жртвата која ќе посочи дека без нејзина дозвола се објавени сликите (со што е сторено кривично дело по член 149 – Злоупотреба на лични податоци) со цел од наша страна за пријавата да биде известено Основно јавно обвинителство Скопје и да се започне процедура за добивање на податоци за администраторот на таа група“, посочуваат од МВР.
Локално, до објавувањето на ова истражување не доби конкретен одговор дали МВР ги лоцира и идентификува креаторите и администраторите на овие групи? Исто така не добивме одговор ниту дали ќе биде поведена внатрешна истрага зошто не било постапено по првите две пријави?
Овие групи се налик на скандалозните групи познати во македонската јавност како „Јавна соба“ кои предизвикаа бурни реакции и простетен марш кој во Скопје се одржа 2011 година со повик „Институциите да се разбудат“. Разликата е во тоа што во конкретниов случај таргетираат една етничка заедница.
За „Јавна соба“ тогаш се огласи и шефот на државата Стево Пендаровски. Тој истакна дека насилството врз жените и девојчињата, во секоја форма – психичко, физичко, сексуално, е казниво со закон и побара од надлежните институции соодветно да го истражат случајот, а престапниците да бидат гонети и казнети согласно законските прописи.
Кривичниот суд во 2022 година донесе пресуда во предметот „Јавна соба“. На обвинетите во случајот на кои им се судеше за производство и дистрибуција на детска порнографија им се изречени казни затвор во траење од по 4 години.
Истражувањето продолжува
И. И.