Двајца цивили загинаа, а тројца се ранети во руските напади со беспилотни летала и ракети во текот на ноќта врз областа Харков во Украина, соопштија денеска украинските власти.
Оттаму соопштиле дека руските напади ги погодиле енергетските и железничката инфраструктура низ Украина, пренесе Ројтерс.
Шефот на регионот Харков, Олег Синегубов, на Телеграм објавил дека ракетите „Искандер“ погодиле инфраструктурен објект во градот Барвинково во тој регион, при што загинале двајца цивили, а тројца се ранети.
Синегубов истакнал дека во нападот биле оштетени повеќе од 50 куќи, како и голем број административни и деловни објекти.
Украинското воено воздухопловство соопштило дека руските сили во текот на ноќта лансирале четири балистички ракети Искандер, кои украинските воздухопловни сили не успеале да ги соборат.
Силите за воздушна одбрана на Украина соборија 13 од вкупно 17 руски беспилотни летала во пет региони во источна, северна и централна Украина.
Државната електроенергетска компанија Укренерго објави дека руски беспилотни летала гаѓале објекти за дистрибуција на електрична енергија во централниот регион Полтава, регионот Суми на североисток и во регионот Чернихив на северот на земјата.
Од Укренерго соопштиле дека воведени се итни прекини на струја за домаќинствата и деловните субјекти во регионите Полтава и Чернихив.
Украинските железници објавија дека руските напади во текот на ноќта ја оштетиле железничката инфраструктура во некои делови на регионот Харков, што предизвикало доцнење на некои патнички возови.