Две различни вакцини на едно лице, дали тоа е опасно? Експертите дадоа одговор…

487 прегледи

Повеќето експерти се согласуваат дека е безбедно да се примаат две дози различни вакцини, некои земји како Германија ќе го користат во случај на оние кои ја примиле првата доза на Астра Зенека и имаат помалку од 60 години.

По извештаите за можна врска помеѓу згрутчување на крвта и Астра Зенека, голем број светски здравствени експерти зборуваа за тоа дали е можно да се администрираат две различни вакцини на една личност.

Иако ниту Европската агенција за лекови, ниту британската агенција за лекови целосно не препорачаа воведување старосни ограничувања за употребата на Астра Зенека, земјите од Европската унија и националните регулатори сепак воведоа одредени ограничувања.

Бидејќи ограничувањата опфаќаат и помлади жители, многу од нив се прашуваа дали можат да добијат втора доза на вакцина од друг производител по првата доза на Астра Зенека.

Иако многу светски експерти се согласуваат дека тоа е можно во принцип, клиничките испитувања кога станува збор за употреба на разни вакцини сè уште траат.

Комитетот за вакцинација и имунизација на Обединетото Кралство е на мислење дека на лицата кои ја примиле првата доза на Астра Зенека, без оглед на ограничувањата, мора да им се понуди втора доза од истиот производител.

– На секој што ја примил првата доза на Астра Зенека, сепак треба да му се понуди втора доза од истата вакцина, без оглед на возраста. Втората доза ќе биде важна поради подолготрајната заштита од коронавирус – посочува Комитетот, пренесува CNBC.

Наспроти мислењето на британските експерти, францускиот здравствен систем препорачува луѓето под 55-годишна возраст кои ја примиле првата доза на Астра Зенека да добијат Фајзер или Модерна како втора доза на вакцината. Во овој случај, се препорачува интервал од 12 недели помеѓу првата и втората доза на вакцини.

Слично мислење имаат и регулаторите во Германија, кои исто така нагласија дека доколку луѓето на возраст под 60 години ја примаат првата доза на вакцината АстраЗенека, тие мора да ја примат вакцината од друг производител во случај на втора доза.

– Упатствата се упатства. Сепак, како имунолог, не гледам аргумент што би потврдил дека е лоша практика да се мешаат вакцините. Тоа сепак би создало имунитет. Нема проблем со тоа – рече Дени Алтман, професор по имунологија во Лондон за време на интервју за Си-Ен-Би-Си.

Од друга страна, Франц-Вернер Хас, извршен директор на производителот на вакцини КирВак, истакна дека постојат податоци дека вакцините можат да се мешаат.

– Постојат податоци од клиничките испитувања дека вакцините можат да се мешаат. Во тој поглед, мислам дека можеме да бидеме оптимисти – рече Хас.

Досега се започнати неколку клинички испитувања ширум светот кои треба да дадат одговори дали е можно да се мешаат вакцините од различни производители.

Астра Зенека досега започна две студии во оваа насока. Првата студија се заснова на студии за можноста за мешање на Астра Зенека со вакцината Фајзер, а резултатите од оваа студија треба да бидат познати во текот на летото.

Од друга страна, во тек е истражување за можна комбинација на вакцината Астра Зенека и руската вакцина Спутник V.

Слични содржини