Британската пејачка Дуа Липа се соочува со две тужби поради нејзиниот хит „Levitating“ од 2020 година, бидејќи двајца различни изведувачи тврдат дека таа им ги „украла“ песните.
Првата тужба во сојузниот суд во Лос Анџелес, минатата недела, ја поднесоа членовите на реге бендот „Artikal Sound System“, кои тврдат дека „Levitating е суштински сличен“ на нивната песна „Live Your Life“ од 2017 година.
Бендот наведува дека Дуа Липа и нејзиниот тим ја „слушале и копирале“ песната додека ја пишувале „Levitating“, која била меѓу првите десет на светските топ листи во неделите по нејзината премиера, вклучувајќи го и Billboard Hot 100.
Во друга тужба, поднесена во федералниот суд во Њујорк во петокот, текстописците Расел Браун и Сенди Линзер ја обвинуваат Дуа Липа дека ја копирала диско песната „Wiggle and Giggle All Night“ од 1979 година.
Тие имаат авторски права и на песната „Don Diablo“ од Мигел Бозе од 1980 година, која всушност е семпл верзија на „Wiggle and Giggle“.
„Нотите се движат во иста насока, со рамномерно распоредени интервали и речиси идентичен ритам“, се наведува во тужбата.
Браун и Линзер го истакнуваат и фактот дека и самата Дуа Липа во бројни интервјуа признала дека инспирацијата ја нашла во песните од ерата на дискотеките, на кои им припаѓа нивната песна.
Споменатите тужби се примери на правни случаи кои вклучуваат обвиненија за кражба на песни, а тешко се добиваат на суд, според некои правни експерти, пишува NBC.
Утврдувањето на прекршувањето на авторските права вклучува повеќе од само укажување дали двете дела „звучат“ слично во „стил или вибрација“, рече форензичарот музиколог Џудит Финел.
„Ништо од ова не е заштитено со авторски права“, вели Финел, која работела како експерт за многу случаи на прекршување на авторските права на музиката, вклучувајќи го и еден од најпознатите случаи – „Blurred Lines“ од 2013 година. Во 2015 година, судот им нареди на Робин Тик и Фарел Вилијамс да уплатат речиси 5 милиони долари на сметката на Марвин Геј, откако жирито утврди дека нивната песна ги крши правата на неговата песна „Got to Give It Up“.
Споровите за авторските права за музиката обично вклучуваат анализа на составот на секоја песна и самата снимка, рече Финел.
Елементите од композицијата на песната кои се заштитени со авторски права, рече таа, вклучуваат ноти и ритми кои служат за создавање на мелодијата и хармонијата на песната, како и на текстот што се користи во песната. Самото снимање на песна спаѓа под посебен сет на закони за авторски права.