Денешниов четврток, ден пред закажаната лидерска средба во Виена, се смета за неформален рок во кој се очекува претседателот Ѓорге Иванов да ја повлече одлуката за аболиција, доколку е свесен за незадоволството што таа ги предизвика кај граѓаните и за долгорочните последици врз развојот на правната држава и интегративната иднина на земјата, се посочува во анализата на DW.
И покрај секојдневните протести во Скопје и други градови, но и жестоките меѓународни реакции, до денес нема сигнали дали Иванов ќе ја повлече одлуката.
Нејзиното повлекување беше првиот услов што вчера го постави опозицискиот СДСМ, за да учествува на утрешната лидерска средба во Виена, иницирана од еврокомесарот Јоханес Хан и европратеничката тројка Ховит-Вајгл-Кукан. Вториот услов на СДСМ – свикување седница на Собранието на која ќе се одложат изборите распишани за 5-ти јуни, вчера беше торпедиран од претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
(…)
Легитимно барање
За разлика од критиките во атарот на власта, одлуката на СДСМ во граѓанскиот ја сметаат за оправдана. Според Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образоние (МЦЕО) тоа е легитимно барање кое ќе придонесе за обезбедување на исти услови за учество на сите „партнери“ во преговорите.
„Преговори во денешни услови не смее да има без притоа да се создадат услови за истите. Ова го зборувам и како граѓанин, но и како дел од МЦЕО. Денес, на 21 април 2016 година, состојбата во која опстојува државата е целосно изменета. Во повеќе градови низ државата протестираат самоорганизирани граѓани со барање за враќање на демократијата и гарантирање на владеењето на правото. Оттаму, во овие преговори мора да има претставници на граѓаните и граѓанските организации, пред се оние кои се обединуваат под #протестирам. Нивното учеството ќе биде дополнителна гаранција дека овој пат ќе отидеме до крајот во имплементацијата на Договорот“, вели Стојковски.
Категоричен е во ставот дека не се преговара за демократија и владеење на правото.
„Што се однесува до обвинувањата кои денес ги споделија владејачката партија, нејзините приврзоци и ‘независните’ аналитичари дека СДСМ избегнува преговори и сака да ја ескалира кризата, би можел да кажам: ниту Заев ниту било кој друг нема мандат да преговара за одржување на избори на 5 јуни. За демократија и владеење на правото не се преговара“, дециден е Стојковски.
Македонско издание на Чаушеску
Дипломати, пак, потсетуваат дека дипломатската практика за решавање на кризни состојби меѓу две или повеќе страни, најчесто за свои алатки ги употребува посредувањето, дијалогот, компромисот, толеранцијата… Тие се употребуваат во услови кога се работи за кредибилни и сериозни преговарачки страни и кога посредникот поседува голем авторитет на кого му веруваат сите или најголемиот број на субјекти. Но, не се уверени дека сите страни го рефлектираат посакуваниот кредибилитет.
„Условите што вчера ги постави Заев можеби не се очекувани од страна на комесарот Хан“, вели поранешниот амбасадор Нано Ружин.
„Заев досега предничеше во соработливоста, мирниот тон за дијалог, желбата за изнаоѓање решенија за излез од кризата, најчесто на штета на опозицијата, ако се присетиме само на ‘тоалет хартијата’, на првото прифаќање за враќање во парламентот, па на второто прифаќање по Пржинскиот договор и тн. Овојпат, пристапот на Заев кон ‘виенскиот валцер’ може да се протолкува низ неколку пораки што тој ги упати. Пред се, тој ја прифати сугестијата на граѓанскиот сектор дека со македонското издание на Чаушеску или Јарузелски нема договор без исполнување на двата наведени услови. Тој и се обрати и на ЕУ. Токму нејзиниот нерешителен став и индиферентост кон криминалот, односно толерирањето на ДПМНЕ од денот на исфрлањето на опозицијата од парламентот до денес, доведе до губење на нејзиниот кредибилитет во очите на опозицијата. За да го врати, ќе треба посилно да притисне кон властодршците“, вели Ружин.
Според него, тоа е порака и кон САД, кои оставија на македонскиот политички простор Брисел да ја докажува сопствената способност и ефикасност.
„Исто како и досега, претходно ни комесарот Филе, а сега ни Хан, не се здобија со задоволувачки кредибилитет да покажат строгост кон главните виновници за дефицитарната демократија, медиумскиот мрак, партизираното судство и организираниот криминал. Без учеството на САД не постои можност за решавање на кризата“, смета Ружин.
Целата анализа можете да ја прочитајте ја тука
