Автопати и модерни услови за фирмите во зоните, патишта со дупки и септички јами за бизнисите во внатрешноста. Стопанствениците во Македонија се жалат дека се дискриминирани, експертите сугерираат промена на стратегијата, посочува во својата анализа DW.
Домашните бизнисмени го креваат гласот против политиката на власта во делот на поддршка за странските инвеститори. Милионите евра државна помош што им се доделува на странските компании за изградба на производствени објекти, обуки за вработените, ослободување од давачки за царина, даноци и слично, ги фрустрира домашните бизнисмени кои сѐ погласно се жалат дека се дискриминирани:
„Државата применува двојни стандарди во политиката за странски инвестиции. Оние компании што се во зоните, но во дел и надвор од нив, добиваат секакви услови, а ние што работиме надвор се снаоѓаме како знаеме. Ако влезете во Бунарџик ќе видите дека таму нема улица, туку автопат, а ние уште функционираме со септички јами и без основна инфраструктура. Ваквата состојба никако не го носи стопанството напред. Погледнете само што бараат домашните фирми, ако не ист, тогаш барем приближен третман. Дајте ни услови, не мора субвенции, туку инфраструктура, а не септички јами, бунари за вода и патишта со дупки. Па ве молам, се знае кој го полни буџетот. Ние, а не странските инвеститори. Што ни носат тие? Ништо! Напротив, ние ним им даваме. Само фиктивни бројки за раст на увозот и извозот, а што е ќарот од тоа? Видете и какви плати се делат таму. Најмалку што треба да се направи е равенка, но за жал тоа го нема“, реагира бизнисменот Мендерес Кучи.
Што кога ќе запрат субвенциите?
Стопанствениците предупредуваат дека доколку продолжи политиката на форсирање на странските инвеститори, како главни миленичиња на власта, последиците можат да бидат многу сериозни:
„Големи се дилемите, а оттука и опасностите. Кога ќе запрат субвенциите, а тоа некогаш сигурно ќе мора да се случи, тогаш тие или автоматски ќе затвораат, ќе отпуштаат вработени, или ќе одат на друга инвестиција која повторно би се договарала во четири очи. Но тука е клучниот проблем, што не е чиста целата работа. Очигледно е дека има одреден ‘дил’ помеѓу владата и одредени бизниси кои не се случајно тука. Ние сме се труделе, на пример, со наш партнер да одиме со заедничка инвестиција, но ништо. Очигледно е дека се бара некој со кој ќе може да се преговара во четири очи. Се сомневаме дека тие субвенции во дел и се враќаат, на кое и чие конто допрва ќе покаже времето. Но клучно е да прекине овој начин на третман на дискриминирање на бизнисите“, предупредува Кучи.
Колку е огромна разликата во третманот, но и во условите, неодамна алармираа бизнисмените од зоната во Визбегово во Скопје. Овој дел на метрополата, каде спонтано низ годините се собраа стотици фирми, е буквално запоставена. Близу 200 фирми кои прават годишен обрт од околу 300 милиони евра, се жалат дека функционираат во ненормални услови, но нема кој да ги слушне:
„Се справуваме со проблемите на инфраструктура веќе неколку години наназад и за жал нема никакво поместување и решавање на истите. Проблемите произлегуваат од немање елементарни услови на работа: без водовод, канализација, улично осветлување и прописна сообраќајна сигнализација. Дополнително на тоа, стопирани сме за градба веќе 2 години и за жал немаме конкретна информација кога ќе се реши прашањето на донесување на детален урбанистички план за зона која постои веќе одамна. Наместо да одиме во правец на проширување на зоната и подобрување на економијата, компаниите си одат во други зони и воопшто не размислуваат за вложувања тука”, изјави Неџат Шаини, Претседател на Здружението на Индустриска Зона Визбегово.
Целиот текст можете да го прочитате тука