DW:Молкот поопасен од вистината за „Смилковско езеро“?

од Vladimir Zorba
214 прегледи

Нервозата повеќе расте ако се одолговлекува објавувањето на „бомбата“ за „Монструм“. Ако се објави, на некој начин напрегнатоста ќе се „извентилира“, сметаат млади во албанската етничка заедница.

0,,15881908_303,00

Најверојатно, погрешно сум бил интерпретиран. Вака лидерот на СДСМ ја образложи неговата децидна изјава во интервјуто за германскиот весник „Ди Цајт“, дека седум етнички Албанци кои се осудени за случајот „Смилковско езеро“ невини лежат во затвор, која вчера предизвика бура во македонската јавност.

„Најверојатно е грешка во интерпретацијата на самиот новинар. Но сепак, големи сомневања се врзани за овој случај. Тоа го објаснувам јас во самото интервју и секако со обелоденувањето на вистината за ‘Смилковско езеро’ или на процесот ‘Монструм’ како што го нарекоа со кривичната пријава, ќе се обелодени болна вистина. Сомневањата се големи. Нашата намера не е да ставаме квалификации, но секако штом ќе ја обелодениме вистината, граѓаните ќе знаат што во суштина покажува таа. Дека постојат големи сомневања за тоа што се случило со случајот ‘Монструм’“, изјави лидерот на СДСМ.

Не само роднините на осудените Албанци, туку целата албанска заедница четири месеци со нетрпение ја очекуваше „бомбата“ за случајот „Монструм“ кој тие во старт го оквалификуваа како „политички монтиран процес“. Досега не ја дочекаа. „Бомбата“ беше очекувана за презентација непосредно пред големиот антивладин протест на 17 мај, но беше одложена поради настаните во Куманово на 9 мај и поради „сензитивноста на состојбата“, како што рече Заев.

Меч со две острици

Протести против пресудата за Смилковско езеро во Скопје, 4 јули 2014

Последното интервју на лидерот на СДСМ за германскиот весник ги подигна очекувањата за можен пресврт во тој случај и за ревизија на пресудата, но го зголеми и незадоволство што ваквите тврдења доаѓаат „на лажичка, во мали дози“ и само „од надвор“. Во чајџилниците и кафулињата во старата скопска чаршија, вчера ова беше главна тема за разговор. Најголеми несогласувања има за тврдењето на Заев каде тој изразува загриженост од можните импликации од објавувањето на сознанијата за „Монструм“.

„Ме загрижува дека еден дел од албанската заедница ќе стане насилен кога тоа ќе се објави. Може да има и мртви. Затоа водиме интензивни разговори со албанската заедница за да се спречи такво нешто. Со вистината мораме да бидеме претпазливи, како ќе одиме… Јас сум многу активен на социјалните мрежи. И читам постојано и повторно пораки од луѓе кои пишуваат: ‘Ние ќе одиме во затворот, ќе ги ослободиме невините, а потоа ќе одиме директно во канцеларијата на премиерот да му покажеме’. А, тоа може да доведе до проблеми“, вели Заев во интервјуто.

Масовните протести на Албанците против судската пресуда за „Монструм“ лани во јули прераснаа во насилство по улиците на Скопје, при што дојде до судир меѓу демонстрантите и припадниците на специјалната полиција, која употреби солзавец и шок бомби во обид да ги смири немирите.

Во партиите од албанскиот блок денес не сакаат да ја коментираат изјавата на Заев дека „се водат интензивни разговори со албанската заедница, за да се најде начин да се спречи таква реакција“. Ниту потврдуваат дали учествувале во разговори на таа тема. Неофицијално, велат дека такви сугестии за внимателност доаѓаат од западни амбасади и од меѓународни организации, кои и пред изрекувањето на пресудите за „Монструм“ предупредуваа на можни тензии

(..)

Дел од експертската јавност, пак, се сомнева дека СДСМ ќе има можност да ги објави сите „бомби“. Во понеделник во Скопје доаѓа еврокомесарот Јоханес Хан, заедно со тројцата европратеници Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан, за да ја продолжат медијацијата меѓу партиите за надминување на политичката криза. Доколку разговорите се помрднат од „мртва точка“ и се утврди некаква рамка за почеток на дијалог, можно е од опозицијата да биде побаран мораториум врз „бомбите“ за да се релаксира атмосферата за преговори. Според нашите соговорници, тоа не е пречка сознанијата за случајот „Монструм“ опозицијата да ги достави до Обвинителството, како што тоа го направи и за други случаи.

повеќе на DW