Владата не направи ништо за да ги смали ‘планините’, напротив, со „Скопје 2014“ им даде аргументи на Грците за нивните тези и ги демотивира оние што не’ поддржуваа, велат аналитичарите за DW.

Во изминатава деценија ништо не е направено за да се „смалат планините“ кои не делат од решение на спорот за името со соседна Грција, велат дел од аналитичарите, коментирајќи ја вчерашната оценка на министерот за надворешни работи, Никола Попоски, дадена по средбата со неговиот грчки колега, дека „има планини меѓу ставовите на Македонија и на Грција околу позициите за името“. Малинка Ристевска Јорданова, директор на Институтот за европска политика од Скопје, објаснува каква планина израсна меѓу Скопје и Атина.
„Владата не направи ништо за да ги смали ‘планините’, напротив, особено со проектот ‘Скопје 2014′ им даде аргументи на Грците за нивните тези и ги демотивира оние што не’ поддржуваа. Натаму, ја олесни работата на Атина во Брисел, зашто сега нема веќе потреба таа да биде ‘лоша’ и да не’ блокира за преговори, бидејќи самите се блокираме. Грција сега може комотно да биде конструктивна“, вели Ристевска.
Со оглед дека какви било разговори, преговори и предлози за решавање на спорот се избегнуваат во предизборен период, станува извесно дека прашањето за името би се интензивирало по април 2016 година. Но, во сегашното манифестирање ‘конструктивност’ по тоа прашање, дел од аналитичарите препознаваат и обиди цената на името да се претвори во цена за спас на политичката кариера на Груевски.
(..)
А Олимп?
Но, и некои други планински врвови придонесоа довербата да се спушти на дното, потсетува амбасадорот Ѓорги Мисајловски, оценувајќи ги изјавите на Попоски како дипломатски флоскули.
„На кои планини мисли Попоски, кога вели дека планини не делат во решението за спорот за името? Дали можеби мисли и на Олимп, на чиј врв со знаме со сонцето од Вергина во рацете, се искачи неговиот поранешен колега по дипломатски дилетантизам, Антонио Милошоски?“, реторички прашува амбасадорот, кој смета дека оваа посета на Атина е само уште еден обид за спасување на владејачката коалиција, односно за фрлање појаси за спасување.
Грчките медиуми вчера ги пренесоа изјавите од средбата Попоски-Коѕијас, без дополнителни коментари. Весникот „Прото тема“ наведува дека министерската посета има историски димензии, затоа што е прва по 15 години. „Катимерини“ ја пренесе и изјавата на Груевски објавена во „Гардијан“, неговата реакција и промената на насловот потоа.
„Средбата Попоски-Коѕијас се случува во неповолен момент. Прво, на маргините сме на ЕУ и НАТО интеграциите. Се случува непосредно по повикувањето на Црна Гора во НАТО, два дена по почетокот на преговорите на Србија со ЕК и непосредно по нашето гласање за прием на Косово во УНЕСКО. МПЦ може да заборави на каков било дијалог со СПЦ поради нашата поддршка на Косово за УНЕСКО. И изјавата на грчкиот претседател во Софија не е случајна. Таа значеше и поддршка на Бугарија за нејзиниот став околу отворените прашања со Република Македонија“, смета Мисајловски.
Принципи за добрососедство
Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, кој вчера исто така се сретна со Попоски, пред неколку дена ги предупреди Турција и Македонија дека членството во ЕУ подразбира почитување на европските вредности и принципи. Како што пренесоа грчките медиуми, по средбата со бугарскиот претседател во Софија, Павлопулос изјавил дека нашата земја мора да ја почитува историјата.
„Не можеме да живееме и коегзистираме во рамките на ЕУ во услови на фалсификување на историјата“, изјави Павлопулос.
И од Софија досега стигнуваа слични забелешки по прашања од историјата, но вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, кој вчера таму се сретна со бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов, изјави дека „неговиот впечаток од средбата е исклучително позитивен“.
„Се надеваме дека и покрај многуте етапи во преговорите ќе изнајдеме формула која ќе не доведе до краен резултат и согласност за финалниот текст на договорот, за кој ќе се обидеме да изградиме максимален политички консензус и во Македонија и во Бугарија“, изјави шефот на бугарската дипломатија
повече на DW