Во Кремљ заврши средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот државен секретар Џон Кери, која траеше повеќе од три часа, јави ТАСС.

На средбата учествуваа и помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, заменикот-државен секретар на САД Викторија Нуланд, советникот на американскиот претседател Барак Обама за Русија Селест Воландер и амбасадорот на САД во Москва Џон Тефт.
Главниот дел од разговорите мина зад затворени врати. По средбата Џон Кери одржа заедничка прес-конференција со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, со кого разговараше претходно денеска, пренесува БТА.
Кери посочи дека САД не стремат да ја изолираат Русија. Тој рече дека САД не водат политика чија цел е руска изолација.
– САД и Русија зборуваат искрено за меѓусебните несогласувања, но бараат и приод за подобрување на односите, додаде Кери.
Тој посочи дека Вашингтон се согласува со Москва во однос на базичниот пристап кон ситуацијата во Сирија, вклучувајќи го и тоа дека Сирија треба да остане обединета. Државниот секретар додаде дека Русија и САД се движат во иста насока за сириското прашање, јави ДПА.
Но Кери го повтори ставот на Вашингтон дека не верува дека сирискиот претседател Башар ал Асад може да раководи во иднина со Сирија. Кери, сепак, појасни дека на денешните разговори во Москва вниманието било фокусирано не врз несогласувањата по ова прашање, туку на прашањето за политичкиот процес во Сирија и за тамошната политичка транзиција таму.
Државниот секретар додаде дека Русија и САД дискутирале за размена на податоци за локациите на антитерористичките операции во Сирија.
Кери најави дека САД се подготвени да работат со Русија за конечно уништување на „Исламска држава” и воедно изрази уверување дека и покрај несогласувањата, Русија и САД можат да постигнат напредок за голем број прашања и да работат ефикасно.
Кери рече дека го информирал Путин за американската загриженост во врска со наводните руски воздушни напади на сириската опозиција и Путин ја зел предвид оваа загриженост.
Кери изјави дека по разговорот со Путин, САД и Русија ги доближиле ставовите за прашањето за терористичките групи во Сирија и се согласуваат дека за терористи ќе се сметаат ИД и групата Џебхад ал Нусра. САД и Русија се согласиле дека овие две групи нема да бидат дел од разговорите за решавање на сириската криза.
На средбата станало збор и за ситуацијата во Украина, а во контекст на тоа Кери потенцира дека сите страни треба да го почитуваат договорот од Минск. Разговорот со Путин за Украина, кери го оцени како „добра дискусија”.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пак, рече дека Русија ја поддржува идејата за меѓународна средба за Сирија овој петок, на 18 декември, во Њујорк.
До овој момент Русија немаше соопштено дали ја поддржува идејата и дали ќе учествува на таква средба.
Лавров посочи дека не се потврдуваат тврдењата во извештајот на ОН дека операцијата на Русија во Сирија предизвикува страдање на мирното население и штети на хуманитарната ситуација во Сирија, не се потврдуваат./МИА