ДЗР: Недоволна ефикасност на енергетскиот систем да се справи со енергетска криза

од Nikola Popovski
395 прегледи

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема: „Подготвеноста на енергетскиот систем да се справи со енергетска криза‘‘, со клучно  прашање: „Дали преземените мерки и активности од надлежните институции во секторот енергетика овозможуваат сигурност и одржливост во обезбедувањето на електрична енергија на долг рок?‘‘. Информираат дека во 2022 година, во Република Северна Македонија, произведени се 5.634 GWh електрична енергија од домашни производители, 1.471 GWh e нето увоз, а вкупните загуби на електрична енергија во eлектропреносниот систем се 972 GWh. Вкупно потрошената електрична во 2022 година изнесува 7.105 GWh, од кои 20% се обезбедени со набавка.

-Република Северна Македонија располага со ограничени ресурси на јаглен, а новите наоѓалишта сѐ уште не се експлоатираат.  Преостанатите експлоатациони количини на јаглен во рудниците изнесуваат  69.780  илјади тони, а според стручните служби неговиот квалитетот е со ниска калорична вредност[1] (околу 3 пати пониска од максималната пропишана калорична вредност за лигнитот) и потребно е дополнителна набавка на калоричен јаглен со цел да се направи негово хомогенизирање.

Производствените капацитети на електрична енергија кои користат јаглен и мазут (РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино), се постари од 40 години, што придонесува да се јавуваат чести дефекти и предизвикува помало производство на електрична енергија. Од спроведената анализа, ревизорите констатирале дека, во 2022 година, Блокот 3 на РЕК Битола бил во дефект 365 дена т.е. во погон функционирал само 1 час, ТЕЦ Осломеј функционирал како резерва 168 дена, додека ТЕЦ Неготино во периодот на енергетска криза во најголем дел работел со еден котел, стои во ревизијата.

ДЗР посочува и дека шодолг временски период не се извршени големи инвестициски активности за модернизација на постоечките капацитети или изградба на нови капацитети кои користат енергенси што не ја загрозуваат животната средина, кои треба да  обезбедат поголемо производство на електрична енергија, енергетска стабилност и одржливост на долг рок.

-Иако се разгледувани можностите за зголемување на производството на електрична енергија од гас преку изградба на гасни електрани, реализацијата на овие проекти е неизвесна. Ревизорите утврдиле дека производството на електрична енергија од обновливи извори учествува со околу 30% во вкупното производство на електрична енергија, а за истакнување е дека во периодот на појавата на енергетска криза заинтересираноста за изградба на  Фотоволтаични електроцентрали (ФЕЦ) бележи значителен тренд на зголемување. Во извештајот е потенцирано дека недостасуваат точни и детални информации за начинот и постапката за изградба на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија и приклучување во дистрибутивната и преносната мрежа, информации за можната финансиска и временска рамка на инвестициите поради што оваа  постапката е сложена, бавна и во државата не се врши ефикасно, стои меѓу другото во извештајот.

Слични содржини