По најавата за два нови директни летови на руската авионска компанија „НОРДВИНД” со кои се поврзаа Москва и Санкт Петербург со Скопје, единаесет руски тур оператори заедно со претставникот на Нордвинд пристигнаа во посета на државава.
Руските тур-оператори се од целата територија на Руската Федерација и се заинтересирани примарно за зимски туризам. Со оглед на нивното долгогодишно искуство во туризмот, после нивната четиридневна посета на РС Македонија ќе лансираат програми за руски туристи кои ќе опфатат неколкудневен престој во зимските центри. Покрај зимските центри, руските туристи имаат преференца за ено-гастро турите, како и верскиот и културниот туризам, па дел од нивните програми ќе бидат и останатите градови од централниот и западниот дел на државава.
По пристигнувањето во земјава, Директорот на АППТ, Љупчо Јаневски пред руските тур-опертатори одржа презентација за туристичките потенцијали и воедно даде препораки и информации што се е задолжително да се посети при престојот во земјава.
И покрај обидите за промоција на домашните туристички потенцијали, во изминатата декада овој пазар бележеше стагнација поради недостатокот на директен лет, но со директното поврзување оваа година, бројот на туристи во првите седум месеци во 2021 година порасна за 299% во споредба со истиот период во 2020 година, додека бројот на ноќевања за истиот период е повисок за 262%.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во текот на месецов ќе отпочне со со промотивни активности на рускиот пазар во соработка со Македонско-Руската Стопанска Комора, со што ќе организира презентации пред руски тур-оператори во Москва, а потоа и Санкт Петербург.
Просечниот престој на руските туристи во земјава изнесува 2,3 дена во текот на првите седум месеци за 2021 година, додека посетите на веб страната Northmacedonia-timeless се покачени за три пати откако е најавена директната линија Москва – Скопје. Интересот на Руските туристи генерално е насочен кон гастрономијата и и верскиот туризам, но не е за игнорирање и интересот што овој пазар го има за специјализирани кратки одмори, до 4 дена, во Скопје и Охрид.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во наредиот период ќе се фокусира на Русија и Украина како потенцијални пазари за отпочнување и развој на соработката во поглед на туристичката размена, како и нови директни и чартер линии кои ќе го олеснат ова.