Додека многу држави тешко управуваат со вториот бран на коронавирус, Финска успеа да го запре растот на новозаразени, но не поради рестриктивни мерки. Голема улога одигра финскиот менталитет, односно тоа што за Финците физичкото дистанцирање е природна работа.
„Зоната на приватен простор во Финска може е малку поширока отколку во другите европски земји. Сакаме луѓето да бидат оддалечени најмалку еден метар од нас, во спротивно не ни е пријатно“, рече Мика Салминен, директор на финската агенција за јавно здравје.
Анкета на Еуробарометар покажа дека 73% од Финците сметаат дека рестриктивните мерки воведени во првиот бран биле лесно издржливи, а 23% од нив нагласиле дека дури и го подобриле нивниот секојдневен живот.
60% од Финците работеле од дома
Многу Финци во тој период повеќе време поминувале во природа или во свои викендички.
“Сакаме да бидеме сами додека шетаме во шума или пливаме во езерата. Многу Финци беа среќни што може да заминат од градовите“, рече Кристиан Вахлбек, директор на Финското здружение за ментално здравје.
Финска во април имаше највисок процент на работници кои почнале да работат од дома, покажа истражување на Еурофонд.
Околу 2,5 милиони од вкупно 5,5 милиони Финци доброволно ја преземаа владината апликација за следење на контакти.
По првиот бран, бројот на заразени од коронавирус во Финска падна скоро на нула во јули, но владата сепак одлучи да задржи некои од рестриктивните мерки.
Во Финска од почетокот на епидемијата забележани се 21.216 случаеви на коронавирус, а 375 луѓе починале.