Едно лице загина, десетици се повредени на протести во Еквадор (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska
191 прегледи

Едно лице загина, а десетици беа повредени за време на дванаесеттиот ден од протестите на домородците во Еквадор, кои бараат од владата да ги намали цените на горивата, да воведе контрола врз цените на храната и да инвестира повеќе во образованието.

По неколкудневни насилства, демонстрантите вчера се судрија со војниците и полицајците во главниот град Кито и во други градови во земјата.

Конфедерацијата на домородните народи, која го организираше штрајкот, соопшти дека еден човек починал од прострелни рани здобиени додека протестирал во близина на Националното собрание.

Властите признаа дека едно лице е убиено, а министерот за внатрешни работи изрази револт поради полициското однесување. Тој изјави дека владата не ѝ одобрила на полицијата никакво оружје со куршуми и дека вчера носеле само солзавец за да ги растераат демонстрантите.

Волонтер болничар изјави за АП дека на околу 100 луѓе им била укажана медицинска помош поради повреди на местото на протестот, вклучително и демонстранти, војници и полицајци.

Демонстрациите се дел од поширокиот национален штрајк, кој Конфедерацијата на домородните народи го започна на 14 јуни и бара намалување на цените на горивата, воведување контрола на цените на земјоделските производи и усвојување поголем буџет за образование.

Демонстрациите беа особено насилни во шест провинции во централниот дел на Еквадор.

Домородниот водач Леонидас Иза во вторникот ја повика владата да ја укине вонредната состојба во тие провинции и да го отстрани притисокот од армијата и полицијата околу местото каде што се собраа демонстрантите во Кито. Владата во средата ги отфрли тие барања, наведувајќи дека главниот град ќе остане без одбрана.

Главниот град се соочува со недостиг на храна и гориво.

Слични содржини