Египет одлучи да го затвори манастирот Света Катерина на Синај – најстариот активен христијански манастир во светот – речиси 15 векови по неговото основање. Оваа одлука предизвика силни реакции од страна на грчката влада и православната црква, пренесуваат грчките медиуми.
Според истите извори, египетските власти планираат не само да го затворат манастирот, туку и да го конфискуваат неговиот имот и да ги иселат монасите. Празните згради, според плановите, би се претвориле во туристичка атракција. Монасите се противат на ваквата одлука, сметајќи ја за повреда на нивните верски и човекови права, и најавуваат глобална информативна кампања до сите христијански цркви и други монотеистички религии.
Атинскиот архиепископ Иероним остро го осуди потегот на египетските власти, велејќи:
„Ова е уште еден историски удар врз хеленизмот и православието. Недвосмислено го осудувам секој обид да се смени вековниот статус на манастирот и апелирам до грчката влада и лично до премиерот Киријакос Мицотакис веднаш да преземат конкретни мерки за да се заштити нормалниот правен и верски поредок.“
Грчкото Министерство за надворешни работи потврди дека го следи случајот, нарекувајќи го „прашање од најголема важност“.
Одлуката за затворање на манастирот била донесена од египетски суд во средата, и покрај претходните ветувања на египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси дадени за време на неговата посета на Грција, дека манастирот ќе остане под заштита.
Според медиумот „Грик репортер“, судскиот притисок и напади врз манастирот се случуваат со години, особено од времето на владеењето на Муслиманското братство, кое се залага за воведување на шеријатски закон и се смета дека систематски се обидува да го затвори овој свет објект.
#BREAKING #Egypt JUST IN: Egypt to Close World’s Oldest Orthodox Christian Monastery, Evict Monks for Tourism Project
Egypt has decided to shut down the Monastery of Saint Catherine in Sinai, the world’s oldest continuously operating Orthodox Christian monastery, nearly 15… pic.twitter.com/SKLNaCbAwk
— The National Independent (@NationalIndNews) May 29, 2025
Манастирот Света Катерина, основан од византискиот император Јустинијан во 6 век, се наоѓа на подножјето на библиската Гора Синај. Тој е под надлежност на автономната Синајска црква, дел од Грчката православна црква, и е едно од најважните духовни светилишта за христијанството. Во 2002 година, УНЕСКО го прогласи манастирот за светско културно наследство, поради неговата универзална вредност за трите големи монотеистички религии – јудаизмот, христијанството и исламот.
Меѓународната заедница сè уште не реагирала официјално, но се очекува ова прашање наскоро да се најде на агендата на повеќе меѓународни и верски институции.