Египет не дозволува „Евер Гивен“ да ја напушти земјата, бара милјарда долари компензација

од Stefanija Kuzmanovska
426 прегледи

Египет очекува повеќе од милијарда долари обештетување откако товарниот брод „Евер Гивен“ го блокираше сообраќајот низ Суецкиот канал скоро седум дена, изјави денеска шефот на управата на каналот Осама Рабеј.

Тој предупреди дека бродот и товарот нема да можат да го напуштат Египет, освен ако пред суд не се постави прашањето за компензација.

Рабеј за египетските државни медиуми изјави дека висината на надоместокот ги опфаќа операциите за помрднување на бродот, трошоците за блокирање на сообраќајот и изгубените приходи од минување на бродовите кога каналот бил блокиран.

„Тоа е право на Египет“, нагласи Рабеј, кој не наведе кој ќе биде одговорен за исплатата на надоместокот.

Според него, претходно администрацијата на каналот и сопствениците на бродовите имале добри односи.

Бродот во моментов се наоѓа на едно од езерата каде властите и управата на бродот спроведуваат истрага.

Техничкиот менаџмент на бродот претходно објави дека екипажот соработува со властите во истрагата на околностите што довеле до несреќата. Истражителите рекоа дека им бил даден пристап до црната кутија на бродот.

„Евер Гивен“, долг 400 метри, се заглави дијагонално преку јужниот дел на каналот поради силните налети на ветрот во раните утрински часови во вторникот, на 23 март, што го прекина сообраќајот на бродовите меѓу Европа и Азија.

Бродскиот сообраќај преку Суецкиот канал беше повторно воспоставен на 29 март по помрднувањето на големиот товарен брод.

Најмалку 369 бродови чекаа да поминат низ каналот.

Скоро 15 проценти од светскиот сообраќај се одвива преку Суецкиот канал, кој е важен извор на финансии за Египет.

Слични содржини