Египќаните бесни на Нетфликс: „Ова е целосна лага, Клеопатра не била црна“

од Stefanija Kuzmanovska

Документарната драма на Нетфликс која ја прикажува египетската кралица Клеопатра како црна Африканка предизвика контроверзии во Египет, пишува Би-Би-Си.

Адвокат поднесе тужба против Нетфликс за кршење на законите за медиуми и обид да го „избрише египетскиот идентитет“, а најпознатиот египетски археолог инсистира дека Клеопатра имала „бледа кожа, а не црна“.

Но, продуцентите на докудрамата велат дека потеклото на Клеопатра е сомнително.

Клеопатра е родена во Александрија во 69 година п.н.е. и била последната кралица од династијата основана од Птоломеј, генералот на Александар Македонски. Династијата Птолемајевиќ зборувала на грчки јазик.

Таа го наследила нејзиниот татко Птоломеј XII на тронот во 51 година п.н.е и владееше до нејзината смрт дваесет години подоцна. После тоа, Египет потпаднал под римска доминација.

Идентитетот на мајката на Клеопатра е непознат, а историчарите веруваат дека е можно таа да била домородна Египќанка или од некој дел на Африка.

Келопатра во серијата на Нетфликс ја игра Адел Џејмс, која е од мешана раса и африканско потекло. Продуцентите велат дека тоа е одраз на „вековната дебата за расата на Клеопатра“.

Џејда Пинкет Смит, американска актерка која е раскажувач и продуцент на оваа драма, рече: „Не гледаме или слушаме често приказни за црните кралици, и на мене и на мојата ќерка и на нашата заедница ни е многу важно таквите приказни да бидат познати“.

Тоа беше осудено во Египет. Захи Хавас, истакнат египтолог и поранешен министер за антиквитети, тврди дека тоа е измислица.

„Тоа е целосна лага. Клеопатра била Гркинка, значи бела. Нетфликс се обидува да предизвика конфузија со ширење лаги дека потеклото на египетската цивилизација е црно“, рече тој.

Адвокатот Махмуд ал Семари побара државниот обвинител да преземе „неопходни правни мерки“ и да го блокира пристапот до услугите на Нетфликс во Египет. Нетфликс е обвинет за промовирање афроцентризам и бришење на египетскиот идентитет.

Актерката Адел Џејмс на Твитер кратко им одговори: „Ако не ви се допаѓа поделбата на улогите, не гледајте“.

Слични содржини