Ејми Вајнхаус добива споменик во Белград

од Nikola Popovski

Градот Белград ќе објави меѓународен конкурс за идејно решение на споменикот на Ејми Вајнхаус во Долниот град на Белградската тврдина, каде го одржа својот последен концерт, најави заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ

На својата официјална страница на Фејсбук, Весиќ потсети дека британската уметница Ејми Вајнхаус го одржала својот последен концерт пред десет години, на 18 јуни 2011 година, во Калемегдан.

„По нешто повеќе од еден месец од тој ден, Ејми почина. Белград ќе објави меѓународен конкурс за идејно решение на споменикот на Ејми Вајнхаус на местото каде го одржа својот последен концерт. Се надевам дека следната година, во ова време, Белград ќе има модерна скулптура на местото каде што Ејми го одржа својот последен концерт“, рече Весиќ.

Светската слава Вајнхаус ја стекна со албумот „Back To Black“ издаден во 2006 година, со кој освои пет Греми.

Последниот настап го имаше во Белград во јуни 2011 година. Хаотичниот настап на кој Вајнхаус мрмореше со текстовите и ги заборави имињата на членовите на бендот доведе до откажување на европската турнеја и беше знак за трагедијата што ќе следи после тоа.

Имено, таа беше пронајдена мртва на 23 јули 2011 година во нејзиниот стан во Лондон. Ејми почина од труење со алкохол, и напуштајќи го овој свет на 27-годишна возраст, се приклучи на „Клуб 27“ – група исклучително талентирани и влијателни рок-музичари кои починаа на 27-годишна возраст , како Брајан Џонс, Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Џим Морисон, Курт Кобејн и други.

Ејми Вајнхаус ја освои публиката, но и музичката критика низ целиот свет, со автентичниот изглед, карактеристичниот глас и неверојатен талент, но пред се со својата искреност, која ретко е присутна во денешната музичка индустрија.

Слични содржини