Луксузните модни гиганти Gucci, Chloé и Loewe беа казнети со вкупно повеќе од 157 милиони евра од страна на Европската унија (ЕУ) за наводно воведување нелегални контроли на цените, објави „Блумберг“.
Европската комисија (ЕК) во вторникот соопшти дека нејзината истрага открила дека трите компании ја ограничиле можноста на трговците на мало со кои соработуваат да ги одредуваат своите цени. Извршното тело на ЕУ во Брисел соопшти дека ова однесување резултирало со повисоки цени за потрошувачите.
Казната од 119,7 милиони евра за Gucci, во сопственост на Kering, е највисока од трите. Chloé, во сопственост на Cie Financiere Richemont, и Loewe, во сопственост на LVMH Moët Hennessy Louis Vuitton, ќе мора да платат 19,7 милиони евра и 18 милиони евра, соодветно.
„Оваа одлука испраќа силен сигнал до модната индустрија и пошироко дека нема да толерираме вакви практики во Европа и дека фер конкуренцијата и заштитата на потрошувачите важат подеднакво за сите“, изјави во соопштението шефот на антимонополскиот орган на ЕУ, Тереза Рибера.
Казните беа изречени откако регулаторите на ЕУ извршија рација во седиштата на модните компании во април 2023 година во потрага по докази за нелегални деловни практики во индустријата.
„Истрагата на Комисијата беше завршена по постапка за соработка, што овозможи побрзо решавање на случајот“, се вели во соопштението на Kering. „Ризикот беше целосно предвиден во финансиските извештаи за првата половина од 2025 година и изложеноста е целосно покриена.“
Претставниците на Chloe не одговорија веднаш на барањето за коментар. Портпарол на Loewe рече дека компанијата „ја потврдува својата цврста посветеност на работење во строга согласност со законот за конкуренција“.