ЕК ја предупреди Унгарија да не испраќа мигранти кон Брисел

од Milan1
32 прегледи

Европската комисија денеска ја предупреди Унгарија да не ја реализира својата закана за испраќање мигранти кон Брисел. Ова однесување е неприфатливо, изјави портпарол на Комисијата на прес-конференција.

– Ова би било прекршување на законодавството на ЕУ и би ги загрозило основните принципи на Шенген зоната, изјави портпаролот.

Вчера Белгија се спротивстави на намерите на Унгарија и повика на интервенција на ЕК. Будимпешта, која претседаваше со Советот на ЕУ од јули, изјави претходно ова лето дека има намера да го олесни издавањето визи за граѓаните на Русија и Белорусија, што повторно предизвика стравувања дека тоа претставува закана за Шенген зоната.

ЕУ во мај годинава ги усвои измените на миграцискиот пакт, на кои се противеа некои од лидерите од земјите членки од централна и источна Европа, меѓу кои и унгарскиот премиер Виктор Орбан, но и полскиот премиер Доналд Туск.

Со измените, меѓу останатото, на земјите членки кои се соочуваат со голем прилив на илегални мигранти, како Италија и Грција, им се дава можноста дел од нив да преместат во други држави од Унијата. Доколку некоја земја членка одбие да ги прифати овие мигранти мора да плати „компензација“.

Шефот на кабинетот на Орбан, Гергеј Гујаш, кон крајот на минатиот месец рече дека Будимпешта со автобуси ќе пренесе илегални мигранти во Брисел, каде што е седиштето на повеќето институции на ЕУ, доколку Унијата опстојува на ставот за спроведување на новите правила за миграција.

Слични содржини