Европската комисија изрази подготвеност да работи на документацијата на Косово да добие кандидатски статус во Европската унија, но за да почне работата потребна е согласност од сите земји-членки на ЕУ, објави „Репортери“.
Комесарот за проширување Оливер Вархеји на пленарната седница на Европскиот парламент изјави дека поради непризнавањето на пет земји-членки на ЕУ (Шпанија, Романија, Кипар, Словачка, Грција) постојат правни проблеми, кои влијаат на пристапот на европските институции кон статусот на Приштина.
„Косово поднесе барање за членство и сега шведското претседателство ги разгледува опциите. Ние од наша страна сме подготвени да ја завршиме нашата работа, а тоа е да подготвиме мислење за статусот на кандидатот, но одлуката не ни припаѓа нам, на Комисијата, туку на Советот на ЕУ“, објасни Вархеји, пренесува РТК.