ЕК предложи суспензија на договорот за визно олеснување со Русија

од Nikola Popovski
140 прегледи

Европската комисија денеска поднесе предлог за целосно суспендирање на договорот за визно олеснување со Русија, соопшти Комисијата.

„Земја како Русија која води агресивна војна не треба да може да се квалификува за ублажување на визите додека продолжува да ја следи својата деструктивна надворешна политика и воена агресија против Украина, демонстрирајќи целосно непочитување на меѓународниот поредок заснован на правила“, се вели во соопштението.

Како што е наведено, суспензијата е одговор на зголемените ризици и закани за безбедносните интереси на Унијата и националната безбедност на земјите-членки како резултат на руската воена агресија во Украина.

Укинувањето на визните олеснувања значи дека руските граѓани повеќе нема да имаат привилегиран пристап до ЕУ и ќе се соочат со подолг, поскап и потежок процес на аплицирање за виза.

Земјите-членки ќе имаат широка дискреција при обработката на барањата за краткорочни визи од руски државјани и ќе можат повнимателно да ги проверуваат апликациите од руските државјани кои патуваат во ЕУ, се вели во соопштението.

Се додава дека ЕУ останува отворена за одредени категории руски визи за лица кои патуваат поради одредени причини, вклучително и за членови на семејства на европски граѓани, новинари, дисиденти и претставници на граѓанското општество.

Комисијата поднесува и предлог за непризнавање на руските пасоши издадени во окупираните зони на Украина.

Слични содржини