Европската комисија преговара со производителите на потенцијални вакцини против Ковид-19 „во име на целата ЕУ“ и нема „паралелни преговори меѓу земјите членки и фармацевтските компании“, велат во Брисел.
Во врска со најавите на некои земји-членки за различни датуми за започнување на вакцинацијата против Ковид-19, ЕК нагласува дека вакцините ќе им бидат достапни на сите земји-членки во исто време и под исти услови.
„ЕУ преговара заедно со компании кои развиваат вакцини и склучуваме заеднички договор со нив. Кога вакцината ќе добие „зелено светло“ и одобрение од Европската агенција за лекови, тогаш земјите-членки ќе можат да започнат да нарачуваат вакцини“, изјави портпаролот на Комисијата Стефан де Керсмекер.
Претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, објави дека првите овластувања за вакцини против Ковид-19 за употреба на територијата на ЕУ ќе бидат дадени до крајот на декември 2020 година.
Во исто време, ЕК вели дека не се во можност да дефинираат колку брзо вакцината ќе се најде во продажба по одобрението.
„Точно кога вакцините ќе бидат на пазарот и подготвени за купување зависи од процедурите, но ние се обидуваме да работиме што е можно побрзо, имајќи ги предвид безбедносните препораки“, наведува Комисијата.
Брисел наведува дека откако Европската агенција за лекови ќе даде „зелено светло“ во втората половина на декември, Комисијата мора да даде дозвола за пласирање вакцини на пазарот на ЕУ.
Како дел од стратегијата за вакцинација на ЕУ, Брисел инсистира да се водат преговори со фармацевтски компании за потребите на земјите-членки, кои ќе ја произведуваат својата вакцина на територијата на Европа.
Се нагласува дека сите земји-членки ќе добијат одобрени вакцини во исто време и под исти услови, кои, доколку е потребно, можат да ги дистрибуираат до трети земји врз основа на билатерални договори.