ЕК загрижена за владеење на правото во Македонија: „Реформите зависат и ќе зависат само од нас“

Иако надлежните испраќаат порака дека како држава забележуваме одреден напредок, Европската Унија (ЕУ) сепак останува загрижена за владеењето на правото во земјите-кандидатки. Ова вчера го потврди европската комесарка за проширување Марта Кос, за време на Советот за општи работи на ЕУ. Дел од експертите се на ставот дека имаме се што е потребно да забрзаме длабоко со реформите, а дел пак сметаат дека овие критики се само доказ дека „елитите“ немаат политичка воља и се соучесници во корупцијата и криминалот.

од Бисера Трајковска
96 прегледи Фото: Принтскрин

Иако надлежните испраќаат порака дека како држава забележуваме одреден напредок, Европската Унија (ЕУ) сепак останува загрижена за владеењето на правото во земјите-кандидатки. Ова вчера го потврди европската комесарка за проширување Марта Кос, за време на Советот за општи работи на ЕУ. Дел од експертите се на ставот дека имаме се што е потребно да забрзаме длабоко со реформите, а дел пак сметаат дека овие критики се само доказ дека „елитите“ немаат политичка воља и се соучесници во корупцијата и криминалот.

Извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски, во изјава за „Локално“ појасни дека ЕК многупати ги има упатено овие критики. Тие, како што додаде, само покажуваат дека елитите немаат доволна политичка воља да го спроведат владеењето на правото и дека се соучесници во корупцијата и криминалот.

-Тука за жал одговорност имаат и граѓаните, кои упорно бираат претставници од истите милјеа. За промена потребно е градење на коалиции помеѓу граѓанското општество и политичките партии засновани на исти вредности и меѓусебна контрола, рече Николовски.

Експерт во областа, Драган Тилев во изјава за „Локално“ потенцираше дека имаме се што е потребно да забразаме длабоко со реформите, не чекајќи на дополнителни политички одлуки или сигнали од Брисел или од било каде. Тој е на ставот дека е потребна само политичка волја, институционален капацитет, координација и управување со процесот без загуба на енергија, средства и човечки капитал.

Како што појасни, реформите зависеле и секогаш ќе зависат само од нас.

Тој коментирајќи ја изјавата на Европската комесарка за проширување Марта Кос, посочи дека јавните настапи на членовите на Комисијата се секогаш со одредена цел, во случајов, поттикнување на порезолутни реформи во клучните сегменти на Владеењето на правото.

-Коментарите и јавните настапи на членовите на Комисијата, вклучително и на Комесарката Кос, се секогаш со одредена цел, во случајов, поттикнување на порезолутни реформи во клучните сегменти на Владеењето на правото. Поводот беше официјализирањето на овогодишниот извештај на Комисијата за состојбата со Владеењето на правото во сите земји членки на ЕУ, и на дел од земјите кандидатки, рече Тилев.

Според Тилев, за поздравување е фактот дека од минатата година, а и оваа, и ние сме дел од ЕУ механизмот за мониторинг на Владеењето на правото, преку детален и објективен извештај на Комисијата, со многу наоди и насоки за продлабочување и продолжување со реформите.

-Комесарката Кос констатира одреден напредок, но во последно време инсистира на потребата од политичко лидерство, порака со која става тежина на одлуките, кои за спроведувањето на реформите треба да ги донесат, или се во рацете на актуелните Влади и актуелните Парламентарни состави. Така е и кај нас, правната рамка на реформите ги диктира Владата, а законски ги верификува Собранието. Според мене состојбата е потполно јасна, додаде Тилев.

Драган Тилев/ Фото: Фејсбук

Тој потсети дека го имаме Извештајот за напредокот на земјата во европските реформи, вклучително и делот за Владеење на правото од 2024, во подготовка е и тој за 2025 година. 

-Го имаме Скрининг официјалниот Извештај за Кластерот Фундаменти, кој го опфаќа и делот за Владеење на правото. Го имаме сега и посебниот Извештај за Владеење на правото во рамките на ЕУ механизмот за владеење на правото на иста основа и критериуми како и за земјите членки. Ги имаме Нацрт Патоказите за владеење на правото придружен со Акцискиот план за заштита на правата на поединци приапдници на малцинствата или заедниците, патоказот за реформа на јавната администрација и Патоказот за функционални демократски институции, посочи Тилев.

Имаме, како што појасни, низа извештаи со препораки од Оценските мисии во делот на правосудството, медиумите, организираниот криминал итн.

-Згора на се, го имаме и Планот за раст и Реформската агенда 2024-2027 со јасни приоритети и преземени обврски.  Значи, имаме се што е потребно да забразаме длабоко со рефомите, не чекајќи на дополнителни политички одлуки или сигнали од Брисел или од било каде. Потребна е само политичка волја, институционален капацитет, координација и управување со процесот без загуба на енергија, средства и човечки капитал. Реформите зависеле и секогаш ќе зависат само од нас.

Б.Т.