„Еко-свест“: Климатската криза е посериозен проблем од можниот недостиг на електрична енергија во светот

од Nikola Popovski
260 прегледи

Претставници од околу 200 земји на COP27 се обидуваат да изнајдат начин за ограничување на глобалното затоплување сè уште може да се ограничи и како да се финансираат климатските штети. Двонеделните состаноци се одржуваат во време на повеќе кризи, вклучително и недостиг на храна и енергија и зголемена инфлација во повеќе земји, предизикании од руската инвазија врз Украина.

-COP27 има задача да доработи две клучни прашања кои останаа отворени на COP26 во Глазгов- обезбедување финансии за загуби и штети и систем за спроведување на глобален пазар за емисии на јаглерод. Меѓутоа делегатите на овој COP треба да обезбедат и пат за намалување на емисиите на стакленички гасови кои во моментов не се намалуваат со предвиденото темпо и затоа и многумина го нарекуваат и COP на имплементација, велат во разговор за „Локално“ од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-Свест“ од Скопје по повод климатската конференција на ОН.

Истакнуваат дека дискусиите би требало да одат во насока на забрзување на имплементацијата на обврските кои земјите ги превземаа со националните придонеси кон клима, обезбедување финансии за земјите во развој и неразвиените земји, но и начини како да се зголемат овие обврски како би постигнале побрзо намалување на емисиите.

„Еко-свест“ потенцира дека според климатските научници доволно е 1 степен зголемување на глобалните температури за да почувствуваме поекстремни последици од климата која се менува, а според најновиот извештај на IPCC (меѓународен панел за климатски промени) од февруари 2022 ние веќе се движиме кон 1.5 степени зголемување на глобалните температури што ќе предизвика екстремни временски услови кои за многу ранливи земји во светот ќе значат и огромни загуби и штети.

-Рамковната конвенција за клима е само простор каде државите страни на конвенцијата можат да дискутираат за чекори кои секој од нив би се нафатил да ги превземе за решавање на овој глобален проблем, имплементацијата останува на самите држави односно притисокот кој граѓаните на тие држави ќе го направат за превземање конкретни чекори. Глобално единство не постои, постои прифатлив консензус. Многу од светските лидери нема да присуствуваат на овој самит, меѓу нив и големи загадувачи како Русија и Кина, но присутните ќе продолжат со работа, а државите со забрзување имплементација, велат од Центарот.

Според нив, самиот факт дека COP27 се одржува и според првичните бројки е најмасовниот COP досега зборува дека делегатите и набљудувачите на процесот разбираат дека климатската криза е посериозен проблем од можниот проблем со недостиг на електрична енергија во светот.

-Многу од решенијата за климатската криза се и решенија за енергетската криза меѓу нив зголемување на производство на енергија од обновливи извори, подигнување на енергетската ефикасност на деловни и приватни објекти, клима неутрални згради, посочуваат од „Еко-свест“.

Центарот објаснува дека одржување на COP27 на Африканскиот континент треба да поттикне повеќе дискусија за обезбедување финансии за справување со последиците од климатските промени како и за загуби и штети.

-На овој COP може да очекуваме зголемена дискусија за мерките за прилагодување кон климатските промени како и за обезбедување храна во екстремни климатски услови и справување со болестите кои ги носат со себе овие изменети климатски услови. Поради тоа што локацијата на одржување на COP27 е Египет се очекува и зголемена дискусија за поврзаноста помеѓу човековите права и климатските промени. COP27 ќе биде успешен доколку обезбеди доволно финансиски средства за имплементација на националните придонеси кон клима на државите, и доколку овие финансии побрзо се отклучат за земјите во развој и неразвиените земји, велат од „Еко-свест“.

Иако развиените земји се историски највиновни за климатската криза, сепак земјите во развој и неразвиените, велат од таму, се оние кои најмногу страдаат и токму затоа развиените земји се оние кои имаат обврска да обезбедат финансии за надоместување на загубите и штетите, но сите земји имаат обврска да ги намалат емисиите на стакленички гасови.

Во однос на нашата земја, од „Еко-свест“ посочуваат дека С. Македонија има доста амбициозни енергетски и климатски политики во моментов со одлични мерки, проблемот е што затајува имплементацијата која се одвива ужасно споро и со слаба вклученост на сите релевантни институции но и речиси никаква вклученост на локалните власти каде и треба да се одвива имплементацијата.

-Голем проблем за земја во развој како Македонија е што сеуште немаме Национален план за адаптација, а веќе одамна ги чувствуваме последиците од климатските промени. Потребно е и информирање и соодветно консултирање на сите засегнати чинители, заклучуваат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-Свест“.

Н.П.

Слични содржини