Еко-свест и Натура МК претстојниот викенд спроведуваат обука за правилно индентификување и мапирање на видови дрвја – буката, костенот и дабот преку користење на мобилната апликација INaturalist, од сега достапна и на македонски јазик. Во активноста се вклучени локални волонтери, ренџерската служба, планинари, наставници и други љубители на природата.
Со секоја идентификација на растение, податоците за видот и локацијата се евидентираат во отворен систем од кој може да се преземаат и користат за подобро управување со овие растителни заедници. Со ваквата активност Еко-свест и Натура МК ќе помогнат за подобра заштита на овие заедници од страна на управителот на заштитеното подрачје.
Споменикот на природа „Вевчански извори“ го доби својот План за управување во септември 2019 година и целата постапка беше спроведена со заеднички напори од Општината и Еко-свест, во тесна соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Планот за управување ја дефинира и потребата да се посвети посебно внимание на шумските екосистеми, особено на заедницата на стари костенови шуми. Проектот кој го спроведува Еко-свест во партнерство со Натура МК „Граѓанска наука во функција на заштита на природата“ ја има токму таа задача- да помогне на управителот во собирањето на податоци и нивна обработка за соодветно планирање мерки за заштита.
Граѓанската наука претставува пристап кој се заснова на набљудувања и евидентирање на одредени појави од страна на граѓаните. Во овој случај, сите заинтересирани љубители наприродата можат со користење на мобилната апликација INaturalist да придонесат со идентификација на живиот свет и негово мапирање. Користењето на оваа апликација е многу едноставно и лесно.
Во рамки на проектот Еко-свест и Натура МК подготвија и серија на едукативни материјали и упатства кои се споделени на јавни места во Вевчани и достапни online. Во наредниот период предвидено е поинтензивна соработка со училиштето во Вевчани каде учениците ќе формираат еко-секција и преку интерактивни едукативни игри и едукативни прошетки во природа ќе научат уште повеќе за својата средина и како да ја зачуваат.
Проектот е финансиски поддржан од страна на Prespa Ohrid Nature Trust (PONT) и Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF).