Кафеавата мечка е трајно заштитен дивеч согласно Законот за ловството, и строго заштитен вид согласно Законот за заштита на природата. Единствено, Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство може да дозволи лов на мечка како заштитен дивеч, доколку определена единка прави штети, но по претходно мислење на Министерството за животна средина и просторно планирање, велат од Македонското еколошко друштво (МЕД) во врска со актуелните случувања во националниот парк „Маврово“.
Посочуваат дека мечката и покрај заштитениот статус е изложена на низа закани: криволов, загуба на живеалиштата и нивна фрагментација.
-Факторите кои влијаат на нејзиното однесување не се детално проучувани, но веројатно вклучуваат взаемна интеракција помеѓу користењето на нејзините живеалиштата, расположливоста на храна (недостаток на шумски плодови и диви овошки од една страна и зголемена достапност на отпад од друга), отсуството на активна заштита на сточниот фонд и пчелните семејства (аудио-визуелни средства, електрични огради, кучиња-чувари, присуство на говедари со стоката и слично). Во многу земји во Европа е препознаен проблемот дека диви депонии и ѓубришта близу населените места, особено во руралните средини, нудат лесно достапен извор на храна, кои мечките зачестено го искористуваат. Ова подразбира и дека тие со време се навикнуваат на овие места, и стануваат „похрабри“, односно, помалку претпазливи од присуство на луѓе. Сето ова дава основа за потенцијален конфликт со луѓето и создавање на т.н. „проблематични“ мечки, истакнуваат од МЕД.
За предлогот отстрел на единките, Македонското еколошко друштво не поддржува ваква радикална мерка.
-Во моментот е многу е важно да се носат одлуки засновани на научни сознанија кои ќе ја одразуваат фактичката состојба на терен, а не на мислења за тоа колку мечки треба да има на одреден простор. Ниту еден див вид не може да се намножи над „носечкиот капацитет“ на средината, диви животни ќе има онолку колку тоа го дозволуваат расположливоста на храна и достапноста на живеалиште, како и притисокот од луѓетоСпоред тоа, основа за какво било дејствување треба да биде пребројување (цензус) на мечката и утврдување на нејзината бројност во подрачјата каде се појавува видот. За жал, тоа е подолготраен процес, и за истиот треба навремено да се размислува. Со таа информација треба да конципира Акциски план кој ќе даде насоки за тоа како одржливо ќе се управува со видот, и тоа, не само на национално, туку и на прекугранично ниво. Управувањето во предвид ја зема благосостојбата на животното, но и безбедноста на луѓето – два аспекта кои се подеднакво важни! Во случај кога има инциденти со мечки, во дел од државите од регионот (како најблизок пример: Грција, Хрватска, Словенија), постои т.н. интервентен тим составен од стручни лица кои соодветно и навремено реагираат за да се избегнат несакани последици по животното и луѓето, стои во соопштението на МЕД.
Советот на Општина Маврово и Ростуше поднела информација со барање за прогласување кризна состојба на цела територија на Општина Маврово и Ростуше. Ова е побарано откако во последните шест месеци е евидентирано зголемено присуство на кафената мечка на територијата на општината. Оттаму велат дека ги презеле сите активности и мерки кои се во своја надлежност, се со цел да ги заштитат своите граѓани. Евидентирано е присуство на 160 до 180 животни од овој вид.