Кина има добра шанса да ја удвои големината на својата економија до 2035 година и да ја надмине Америка како најголема економија во светот, според економистот на Банката на Америка.
Според проценките на економистот Хелен Кјао, освен двојно зголемување на БДП, азискиот економски гигант би ги надминал и САД како најголема економија на светот во 2027 или 2028 година.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во ноември минатата година изјави дека е можно двојно да се зголеми бруто домашниот производ и приходот по глава на жител до 2035 година.
Двојно зголемување на кинескиот БДП бара просечна годишна стапка на раст од 4,7 проценти во следните 15 години, што според некои експерти е тешко да се постигне.
Сепак, Хелен Кјао, раководител на одделот за азиска економија, смета дека некои реформски мерки ќе и помогнат на Кина да го постигне тоа.
Како што е забележано, Кина беше една од ретките економии на глобално ниво што порасна во 2020 година, и покрај предизвиците на пандемијата на вирусот корона.
Официјалните податоци покажуваат дека кинеската економија минатата година се зголемила за 2,3 проценти, а Меѓународниот монетарен фонд за Кина прогнозира раст од 8,1 процент годинава, објави порталот „Кликс“.
Во меѓувреме, економијата на САД се намали за 3,5 проценти во 2020 година, според најновите проценки на владата. ММФ соопшти дека економијата на САД годинава може да порасне 5,1 процент.