Економистите скептични: Кошничките со поевтини производи се само обид за гаснење на социјални пожари

од Nikola Popovski
122 прегледи

Крајно скептични и со малку верба во ефектите од есенската кошничка со 73 производи кои од денеска се продаваат во маркетите и продавниците под ознаката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“. Ова е сублимираната оценка на дел од економистите кои остануваат на претходно изнесените ставови според кои единствено станува збор за гасење социјални пожари. Во оваа насока се и очекувањата на аналитичарот Абил Бауш кој е категоричен дека наместо економски ефект, ваквата мерка не само што ќе донесе ограничување на квалитетот на производите, туку и нема нема да биде  во насока на „соборување“ на инфлацијата.

„Ме загрижува тоа што, оваа Влада го прави истото што и претходната, а  тоа не е долгорочно и економско решение. Ова се моменти кога инфлацијата се зауздува во светски рамки. Имајте предвид дека цените на пазарот во моментов се стабилни, а некаде почнуваат и да се намалуваат, особено цените на енергенсите и нафтените деривати. Кога имаме урамнотежување  на цените и благо намалување на инфлацијата на европско и светско ниво, кога ФЕД ги намали каматните стапки, а се очекува тоа да се случи и во Европа, кај нас  имаме обратна ситуација, инфлација која сама себе се генерира. Тоа е вид на перцепција од страна на потрошувачите. Мислат дека се е покачено, но статистички не е така. Имаме стабилизација на цените“ вели Бауш во изјава за „Локално“.

Абил Бауш

Според него, наместо преземање вакви чекори неминовни се друг вид политики кои пред се ќе им помогнат на граѓаните кои живеат на раб на сиромаштија за да излезат на пазарот на труд и да им се зголеми животниот стандард.

„Како тоа да се напарави за користа да биде взаемна? Потребни се вработување но и не само тоа, треба едукација, преквалификација, да се стават на пазарот на труд таму каде што е потребно. Сега постои дисбаланс и во оваа смисла. Бараме работна сила, наоколу сите бараат работници а веќе имаме 13 % невработеност од кои, што е најалармантно, 35-45 % се млада популација која е квалификувана и на која треба да и се отворат нови видици за да  биде дел од пазарот. Наместо  да се следат тие политики, наместо да ги  намалиме даноците на микропрепријатија за да бидат покункурентн, а да ги зголемиме на големите, се прави спротивното. И зад сето ова  стои оваа Влада која како десно ориентирана би требало да се  грижи за пазарните компоненти , објаснува Бауш.

Анализирајќи ја оваа и следните кошнички кои ги најави Владата како дел од вкупната економска слика,  тој посочува дека не ги гледа најавените економски политики во однос на првите 100 дена од новата Влада. Сепак, останува  оптимист дека следната 2025 ќе биде година на поголем економски раст.

„Очекував малку повеќе политиките да бидат економски ориентирани. Сметам дека повеќе се фокусираа на социјални мерки наместо да се направи сериозно реструктурирање на трошоците во буџетот. Во оваа смисла беше направено нешто малку но не во мерка која се посакуваше, на пример во пренасочување на средства во капитални инвестиции“.

Во оваа насока, како негативен аргумент ги посочува последните изјави во однос на намалувањето средства за понатамошниот тек на градба на Коридорите, како и зголемувањето на бројот на министерства.

Имаме добри реформи во даночниот систем, но некако наопачки ја фативме оваа политика, затоа што се намалуваат даноците на богатите а не  правиме т.н. буст кај помалите препријатија. Треба посеопфатни реформи во јавната администрација, забрзување на процедури за отворање бизниси, ако профункционира е-фактура тоа ќе биде добро за стопанството, ќе се намали сивата економија“.

Како неопходност ја посочува потребата од  инвестирање во големи проекти кои неминовно ќе донесат економски раст, како на пример во образованието, здравството, бидејќи како што вели,  ако не инвестирате во иновативни проекти нема економски раст.

„Нам не ни треба Влада за раст од 2-3 % доволно е административна власт која само ќе ги администрира процесите.Со ваква влада е потребен раст од 5-6 % “, заклучува Бауш.

Во однос на перспективите за следната година,се дистанцира од преуранети прогнози бидејќи како што вели, потребно е да се види на кои реформи ќе се насочи Владата. 

„Ребалансот беше добар, се обезбедија средства за покачување на пензиите, но во иднина би требало да работат повеќе  на економските теркови на пазарот, зашто 2024 година не ја искористивме  како година на опоравување . Се ветуваше дека до третиот квартал ќе завршиме со инфлацијата, но за жал нема ништо од тоа и со влегување во четвртиот квартал. Оптимист сум дека 2025 година ќе биде подобра година со можност за остварување некаков економски раст“, објаснува Бауш.

Производите во т.н. есенска кошничка ќе имаат пониска цена од денеска до 31 октомври, а наскоро се очекува да почне и примената на Законот за забрана за нефер трговски практики кој ќе се однесува на околу 2500 производи чии трговски маржи ќе бидат ограничени на 10 %.

К.В.С

Слични содржини