Објектот има зафатнина од 10.000 метри квадратни, распространет на 10 катови на кои се сместени канцеларии и продавници.
Зградата е збиена меѓу трговски центри и историски објекти во Ханој. Целта на архитектите од „Group8asia“, кои ја воделе изведбата на објектот, била да се создаде екоздание што ќе внимава на аспекти како справување со вревата, непречен, панорамски поглед и обезбедување природна вентилација во ентериерот. Внатрешниот простор е флексибилен, нема строга и унифицирана поделба на начинот на кој изгледаат канцелариите, туку на секој кат тие се различно организирани и групирани. Преку ова секој кат има различен карактер и атмосфера.
Фасадата е приказна сама за себе, архитектите ја имаат приспособено секоја страна од фасадата на различниот урбан контекст со кој се соочува. Предната страна на фасадата што гледа кон главната улица ѝ дава на градбата силен и впечатлив идентитет. Изведена е со двослојно стакло со дизајн што ја интерпретира формата на јагленот, кој е симбол на компанијата „Coalimex“. Ваквото стакло помага да се постигне ефикасна природна вентилација, а истовремено штити од надворешната врева и од лошите временски услови. Обликот и збиеноста на фасадата ја водат сончевата светлина низ внатрешноста и нудат поголема приватност во канцелариите.
Задната страна на фасадата, која се соочува со сосема друго опкружување, е изведена од низа прозорци и лоѓии наместо вообичаените балкони со цел да се неутрализира блискоста со соседниот објект. Зеленобојадисаните лоѓии наликуваат на внатрешни градини што ја внесуваат природата во ентериерот, овозможувајќи им на вработените простор за одмор и слобода, како и природна вентилација на просторот.
