Екрем Имамоглу – ривалот на Ердоган, кој оди по неговите стапки

од Симе Стоиков

Новоизбраниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, се наметна како главен ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пишува БТА. На некој начин, сепак, тој ги следи стапките на турскиот лидер кој владееше со градот во 1990-тите.

Имамоглу и Ердоган потекнуваат од источниот турски регион на Црното Море, и на двајцата им беше оспорувана кариерата од турските судови. Во младоста и двајцата беа фудбалери.

Аналитичарите велат дека Имамоглу се појави како потенцијален иден претседател откако извојува убедлива победа и ја задржа својата функција на локалните избори во неделата.

Гласачите му испраќаат порака директно на Ердоган, рече Имамоглу по изборите.

„Оние кои не ги разбираат пораките на народот во одреден момент ќе загубат“, изјави тој.

Иако и двајцата имаат извонредна способност да ги мобилизираат гласачите кога е политиката во прашање, двјацат се многу различни. Имамоглу, кој е поранешен бизнисмен, самиот тврди дека нивните идеи се „крајно спротивни“.

Ердоган влезе во политиката со исламистичка партија и, откако ја презеде власта во 2002 година, ја трансформираше секуларната Турција со својата побожна визија. Спротивно на тоа, Имамоглу е од цврсто секуларната Народно-републиканска партија, на која и се приклучи во 2008 година и стана градоначалник на истанбулската област Бејликдузу пред десет години.

Успехот на Имамоглу се должи на неговата способност да го пробие плафонот од околу 25 отсто за социјалдемократската Народно-републиканска партија (НРП) и да им се допадне на поконзервативните гласачи.

Тоа го докажа во 2019 година кога и го нанесе најголемиот пораз на АКП во последните две децении и го победи нејзиниот кандидат не еднаш туку двапати. Судот ја поништи неговата победа во март 2019 година, но тој повторно победи на вториот круг од изборите во јуни, со уште поголема разлика.

Ердоган возврати со тоа што беше реизбран за претседател минатата година и покрај широките економски тензии и предвидувањата од анкетите. Но сега Имамоглу повторно го враќа ударот.

„Ова се повеќе од избори за градоначалник, се работи за одреден начин на размислување“, рече Имамоглу за време на неговата изборна кампања.

„Ако се воспостави овој менталитет, демократијата повторно ќе се роди и ќе се обноват правото и правдата“.

Критичарите на Ердоган велат дека турското судство, граѓанските права и слободата на медиумите опаднале под неговото владеење, иако владата го негира тоа.

Самиот Имамоглу има правни проблеми.

По победата во 2019 година, судијата го осуди на 2 и пол години затвор и му изрече политичка забрана за јавни функционери. Апелациониот суд се уште нема донесено одлука за случајот.

Казната потсетува на Ердоган, кој беше накратко затворен во 1999 година поради рецитирање на песна што судот ја опиша како поттикнување верска омраза.

Минатата година друг суд отвори случај против Имамоглу под обвинение за местење на јавни набавки, што предвидува казна затвор од три до седум години. Критичарите на Ердоган ги гледаат овие случаи како обид за политички попречување на Имамоглу. Ердоган и неговата АКП го негираат ова.

Имамоглу вели дека неговата администрација работи на развој на Истанбул кој е клучен за економијата на Турција и покрај пречките со кои се соочува од Анкара.

Многу аналитичари сега предвидуваат успех за Имамоглу во иднина.

„Ако овие избори не бидат поништени поради некои приговори, тој ќе стане претседател во 2028 година“, изјави за Ројтерс пред изборите шефот на агенцијата Метропол, Јозер Сењар.

Слични содржини