По четири месеци поминати во притвор екс- градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, поднел кауција од половина милион евра за да излезе на слобода. Неофицијално станува збор за неколку недвижнини кои Петрески ќе ги остави како хипотека за да му се укине притворот-пишува Фокус.
Според Фокус Петрески го следи примерот на некои притворени од предметот „Јагула“ кои претходно успеале со гаранција да излезат на слобода. Сепак, на Петрески и на уште некои од неговите подредени соработници од општина Охрид по четврти пат им беше продолжена мерката за нови 30 дена.
Обидот на Петрески да излезе од притвор следува откако се сфати дека истрагата за досието ќе потрае подолго затоа што материјалот е обемен, но и затоа што истиот обвинител во предметот е ангажиран и во истрагата за акцијата „Пуч“. Најверојатно шесте месеци предвидени со закон за истрага, во случајот со Петрески ќе бидат пролонгирани. Таква можност постои во законот, да се продолжат првите шест месеци со нови.
Инаку, Петрески се гони за финансиски малверазии со кои стекнал противправна имотна корист преку јавни набавки и градежни активности. Но и неговиот случај, како и многу претходно, ќе потрае. Обвинителот Златко Биковски има поприоритетен предмет, тоа е „Пуч“ во кој Верушевски, неговата сопруга, Заев, Палифров, Лазаревски и Костовски се осомничени за шпионажа и насилство врз државни преставници.
За сега е неизвесно дали постојат телефонски снимки кај опозицијата поврзани со акцијата за притвор на Петрески.
Извор: Фокус