Поранешниот преговорач за името Никола Димитров во својот фејсбук профил објави напис насловен „Ново сонце на слободата“ и им се обраќа на граѓаните заедно да го вратат ВМРО.

– ВМРО е преголем симбол за Македонија за да дозволиме да се претвори во срам за државата. Сите ние, граѓаните на Република Македонија сме ВМРО, во смисла на таа традиција. Јас, како и Владимир Лазаревик и Перо Димшоски, сме извршувале високи државни функции благодарение на довербата на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа чувствувам одговорност и нема да молчам во ова време невреме, кога државните институции се узурпирани, а македонската демократија крајно понижена. Кога нема ден без изјава од меѓународната заедница за загриженоста поради назадувањето на Македонија. Нема да дозволиме ВМРО, врз која заедно со АСНОМ почиваат темелите на Република Македонија, да биде историски делегитимирано, поради група луѓе кои го изгубиле политичкиот компас. Луѓе кои знаат каде е штабот на ВМРО-ДПМНЕ, ама заборавиле кои се идеалите и вредностите на ВМРО. Јас не сум чест гостин во штабот, ама знам дека кога МВР ќе стане штаб на партијата, се укинува државата, напишал Димитров на својот фејсбук-профил.
Ги повикуваме сите граѓани:
– да им ја вратиме ВМРО на граѓаните, на сите граѓани;
– да ја посочиме и да инсистираме на политичка одговорност, лична политичка одговорност;
– конечно да изградиме силни институции, и да застанеме заедно против “силни” лидери;
– да се заложиме за враќање на политичкиот дијалог во парламентот; покрај враќањето на опозицијата, тука посебна историска одговорност ќе има пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ;
– да се вратиме на темелните вредности на Уставот и враќање на институциите во рацете на граѓаните;
– да се обединиме околу систем што ќе им даде еднаква шанса на сите, независно од која партија се;
– за враќање на довербата, на човечкото достоинство и на перспективата во татковината;
– за целосен пораз на стравот, за целосно искоренување на криминалот;
– за пречистување на политичката мисла;
– за целосна слобода на медиумите и за безрезервна поддршка на критичната мисла;
– за целосен пораз на глупоста.
Го повикуваме членовите, симпатизерите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, да исправат глава и да се одважат да кажат не. Товарот на сегашното раководство и одговорноста за нивните постапки, мора да го сноси сегашното раководство. Ние сме должни да го превземеме нанесениот срам врз државата и врз партијата и да разговараме со опозицијата со чиста совест“, пишува Димитров.
Претходно викендов во Амстердам, Холандија, била остварена средба меѓу Никола Димитров, Владимир Лазаревик и Перо Димшоски, а тема биле актуелните состојби во ВМРО-ДПМНЕ.
Димитров, Лазаревиќ и Димшоски се во комуникација и со професорот Јове Кекеновски, еден од основачите на т.н. Форум на слободоумни патриоти, кои се противат на политиките на актуелното раководство на владејачката партија.
„Бројот на приврзаниците од ден на ден станува сè поголем. Освен старите вмровци, секојдневно ни приоѓаат и од помладите членови на партијата што се незадоволни од политиките на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ“, посочуваат од Форумот.
Токму Лазаревик отворено ја поддржа иницијативата на Кекеновски и потврди дека имаат остварено средба. На прашањето на новинарот Васко Попетревски во „360 степени“, дали има јадро во ВМРО-ДПМНЕ кое може да се дистанцира од актуелното раководство, Лазаревик одговори:
„Се разбира дека има. ВМРО-ДПМНЕ е голема партија и не можете да очекувате дека сите луѓе што гласале за Никола Груевски денес се согласуваат со раководството.“
