Експерт: Кутињо нема влијание врз играта, но Барса не планира да го продаде

од Vladimir Zorba

Барселона очекуваше многу поголем придонес од Филипе Кутињо, откако го купи за 160 милиони евра, отколку што доби досега. Ова е заклучокот, кој си дозволи да го истакне почитуваниот фудбалски експерт и специјалист за шпанскиот фудбал – Гиљем Балаг.

Пред една година и по 5 сезони во дресот на Ливерпул бразилскиот плејмејкер исфорсира продажба кај каталонците, надевајќи се на фактот дека тоа е дестинација од неговите соништа. Веќе во својата прва сезона со Барса освои двојна титулата – Ла Лига и Купот.

Во оваа кампања, сепак 26-годишниот фудбалер не успеа да се избори за место во стартниот состав во тимот на Ернесто Валверде, кој сосема оправдано гласа многу поголема доверба на Усман Дембеле. Факт е дека од октомври наваму Кутињо остана без погодок во Ла Лига, иако во овој месец постигна важен гол (од пенал) при 1:2 од Леванте во првиот 1/8-финален дуел од Купот на Шпанија.

Неволјите на фудбалерот веднаш доведоа до гласини за заминување, при што Ливерпул се очекуваше да биде една од приоритетните дестинации. Друга можност за Кутињо, барем според англиските медиуми, е најголемиот ривал на Ливерпул – Манчестер Јунајтед.

Балаг е сигурен дека сите во Барса очекувале многу повеќе од офанзивниот фудбалер, иако засега негова продажба не е на дневен ред.

„Сите очекувавме многу повеќе од него – зборувам за навивачите, како и за Барселона“, изјави Балаг за „Sky Sports“.

„Во моментов тој изгледа како многу срамежлив фудбалер кој нема големо влијание врз развојот на натпреварите. Тој има можност да се развие и јас сум сигурен дека во одреден момент неговата игра дефинитивно ќе се подобри“.

„Барселона нема намера да го продаде Кутињо. Допрва треба да се види дали неспособноста да покаже влијание ќе продолжи. Во моментов, Кутињо е важен за Барселона, многу важен. Клубот чувствува дека додава квалитет на тимот, иако тие разбираат дека не е токму играчот, за кој сметаа дека е“, додаде Балаг.

Слични содржини