Експерти: Бугарија извојува „пирова победа“, името и јазикот се веќе признаени и потврдени во претходни документи со поголема тежина од овој извештај

Дали треба повторно да се „докажуваме“ во Брисел по Извештајот без македонски идентитет: „Нашиот основен проблем е внатрешното докажување – кој овде го штити, а кој не“

од Nikola Popovski
188 прегледи

461 европратеник гласаше „за“, 121 против и 107 воздржани за извештајот за Македонија на известителот Томас Вајц. Извештајот помина без споменување на македонски јазик и идентитет, компромис меѓу различните европски партии за отстапување од принципиелната поддршка за македонските национални обележја. Споменувањето на идентитетот и јазикот не беше грешка, рече Вајц. Тој повторно ги отфрли обвинувањата дека имал нелегитимни средби со македонските власти за Извештајот, укажа дека повторно ќе го прави тоа и за следните извештаи и повика бугарските претставници да не ја подгреваат ситуацијата околу евроинтеграцијата на Македонија. Бугарски и грчки пратеници, пак, претходно ја претворија дебатата за извештајот во дебата за македонскиот идентитет и јазик, каква што не доликува на европскиот храм на демократијата.

Темата предизвикана големо внимание и реакции во Македонија и Бугарија. Дел од јавноста смета дека ни се нанесе голема неправда во Стразбур, мислење што го дели и премиерот Христијан Мицкоски. Сепак, дел од експертите не се согласуваат со ваквата констатација. Политикологот Димитар Николовски од Евротинк оценува дека ништо во моментов не нѝ е ускратено.

-Ова е извештај во однос на политичката состојба и напредокот на државата во однос на европските интеграции. Се создаде консензус помеѓу пратениците во ЕП дека прашање како идентитетот не треба биде вклучено тука. Доколку во претходните извештаи истото било содржано, а сега да биде тргнато, тогаш би било неправда, но едноставно тоа не е случај. Што се однесува до острата реторика, таа е вообичаен дел од фолклорот на ЕП, особено кај понационалистичките европратеници, вели Николовски во разговор за „Локално“.

Димитар Николовски

Тој потенцира дека името и јазикот се веќе признаени и потврдени во претходни документи со поголема тежина од овој извештај. Смета дека нема потреба од страв дека ќе бидат изгубени во процесот.

Ако за идентитетот не се одлучува политички, запрашан зошто „модерните“ тактики на Бугарија се на маса во Брисел, Николовски вели дека ова го разбира токму во правец дека не треба овие прашања да бидат одговарани во извештај на ЕП. Тврди дека лобирањето беше очекувано и од двете страни – македонската и бугарската.

Околу тоа како од предводник во почитување на малцинските права, станавме земја чии ЕУ-интеграции се попречени од историски и идентитетски прашања, соговорникот констатира дека во моментов сме попречени од неприфаќањето да се промени Уставот, а не од историјата и идентитетот.

-На историја и идентитет инсистира македонската влада, објаснува Николовски.

Според поранешната директорка на Институтот за европска политика (ЕПИ) и експертка на полето на евроинтеграциите, Малинка Ристевска-Јорданова, многу се поедноставуваат работите при донесувањето заклучоци за Резолуцијата, без внимателно анализирање и на текстот и на целата постапка. Според неа, факт е дека Европскиот парламент ги изгласа амандманите на текстот со кои се избришаа текстовите за изрично признавање на македонскиот идентитет и јазик, а кои беа вметнати во оригиналниот текст предложен од известувачот Вајц со амандмани на Комисијата за надворешна политика. Се случи претставниците на политичките групи да гласаат различно во Комисијата за надворешна политика и на пленарната седница. Ова, како што беше видливо од дискусијата, е резултат на долги и бурни политички дијалози во рамките на групациите.

-На крајот решиле да не го внесуваат текстот за јазикот и идентитетот, што за нив е политички „компромис“. За нас тоа не е компромис и е грубо кршење на меѓународното право, непочитување на европските вредности и на Преспанскиот договор, па со право предизвикува реакции, оценува Ристевска Јорданова во разговор за „Локално“.

Меѓутоа, колку и да е тоа тешко, истакнува соговорничката, мора да се смират страстите и да се продолжи рационално. Смета дека е потребно да се изанализира целата постапка, изнесените ставови од политичките групи, гласањето, самиот текст и да се продолжи понатаму.

Малинка Ристевска-Јорданова

-Она што се забележа во дискусијата беше умерената дискусија на сите претставници на политичките групи наспроти грубиот екстремизам од страна на европарламентарци од Бугарија и претставници на некои грчки партии. Она, пак, што треба да се признае е дека повеќе европратеници во пленарната дискусија остро реагираа на ваквиот настап на нивните грчки и бугарски колеги. Не можеме целиот Европски парламент и сите европратеници да ги оквалификуваме како „противници“. Напротив, треба да стекнуваме повеќе приврзаници, оценува Ристевска Јорданова.

За соговорничката е очекувано тоа што Бугарија се фали дека извојувала „победа“, но реално таа е пирова победа, ако воопшто може да се нарече „победа“. Запрашана дали треба повторно да се „докажуваме“ во Брисел, експертката наведува дека нашиот основен проблем е внатрешното докажување – кој во Македонија го штити, а кој не македонскиот идентитет.

-Сега кога е „оголена“ бугарската позиција, време е да се престане со препукувањата и од оваа стварност да се тргне понатаму – рационално, но и решително, имајќи ги предвид националните, а не партиските интереси. И да повторам – ние мора да бидеме кредибилни во овој трнлив пат кон ЕУ и многу посериозно да се зафатиме со реалните проблеми на македонските граѓани, децидна е Ристевска Јорданова.

„На Европа сега можеме да и кажеме дека вистината излезе на виделина“ – рече премиерот како реакција. Тој оцени дека ЕУ јасно покажала што очекува од Македонија, услови кои не важат за ниту една друга држава – кандидат.

„Тоа се политичари од врвен калибар, кои совршено знаат што е суштината на овие барања. Сега сè им е сервирано на тацна. Не сакам никој повеќе да ми зборува дека бугарското малцинство е проблем – уште утре можеме да го внесеме во Уставот. Но суштината е поинаква. Проблемот не е во тоа, туку во триесетгодишната стратегија која ја водат низ европските ходници против македонската нација“, кажа Мицкоски.

Државата, од независноста досега направи куп отстапки и помирувања, додава Мицкоски, но вистинскиот проблем е што лидерите со децении не воделе сметка за националниот интерес. Според него, вчерашниот ден е ист на низата неправди во современа Македонија „како деновите кога се менуваше знамето, референцата ФИРОМ, блокирањето кон НАТО, промената на името, насилните упади, болната транзиција…“. Најави дека нема да дозволи ново предавство, ниту отстапување од македонските национални интереси, нагласувајќи дека земјава останува на европскиот пат.

Од СДСМ остро реагираа на повторното отворање на прашањето за македонскиот јазик и идентитет во најновиот извештај. Според поранешната министерка и актуелна пратеничка, Бисера Костадиновска-Стојчевска, ова прашање беше затворено и институционално потврдено.

„Во скрининг процесот се користеше македонски јазик, со официјални преведувачи во Европската Комисија. Имаме и билатерална изјава која го гарантира нашиот јазик со сите негови особености и дијалекти. Бевме пред добра ситуација, да добиеме признание за нешто што веќе беше затворено и потврдено и во Европскиот парламент. Како што кажав, тоа беше затворено прашање, а сега треба да се запрашаме како и зошто повторно е отворено?“, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Таа потенцира дека во Извештајот за првпат изостанува јасно наведување на македонскиот јазик, што е резултат на организирана реторика и притисок од бугарските европратеници.

„Но, како што кажа и самиот известувач, овој процес беше обременет од бугарските европратеници, од нивната реторика, и со нивното здружено дејствување се дојде до ваква ситуација каде што во овој извештај, а мислам дека ова е првпат во еден извештај од релевантна европска институција да не се спомнува македонскиот јазик и идентитет“, рече таа.

Според Костадиновска-Стојчевска, од една страна е добро што се усвоија препораките содржани во Извештајот на известувачот Томас Вајц, но од друга страна однесувањето на бугарските европратеници ќе остане запаметено како преседан кој остава горко чувство кај сите Македонци.

Н.П.

Слични содржини