Германија, најголемата европска економија, би можела да ја заврши оваа година со економски пад. Водечките германски економски институти ги намалија заедничките прогнози и сега веруваат дека тамошната економија би можела да падне за 0,1 отсто на крајот на 2024 година. Експертите очекуваат слабо закрепнување во Германија во 2025 година со раст од 0,8 отсто и забрзување до 1,3 отсто во 2026 година, се вели во извештајот објавен денеска. Во претходната пролетна прогноза, експертите беа пооптимисти и очекуваа германската економија да порасне за 0,1 отсто во 2024 година и 1,4 отсто во 2025 година.
Покрај економскиот пад, германската економија е оптоварена и со структурни промени, смета Гералдина Дани-Кнедлик, раководител на одделот за прогнозирање и економска политика во Германскиот институт за економски истражувања (DIW). Економијата во Германија стагнира повеќе од две години. Следната година веројатно ќе забележи бавно закрепнување, но економскиот раст нема да се врати на својот тренд пред коронавирусот во догледна иднина.
Посебно се погодени производителите на капитални добра и енергетски интензивните индустрии, се наведува во извештајот. Споменатите компании имаат проблеми со повисоките трошоци за енергија и конкуренцијата од висококвалитетните индустриски производи од Кина, кои го потиснуваат германскиот извоз на светските пазари.
„Постојаното високо ниво на каматни стапки, заедно со зголемената економска и геополитичка несигурност, најверојатно ќе има големо влијание врз инвестициските активности на компаниите и склоноста на приватните домаќинства да купуваат“, додаваат експертите. Домаќинствата во Германија се повеќе штедат пари наместо да ги трошат на нови станбени имоти или производи за широка потрошувачка, се наведува на веб-страницата на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.
Минатата година германската економија беше најслаба меѓу големите земји од еврозоната и забележа пад од 0,3 отсто, пренесува Танјуг.