Експерти предупредуваат: Изборната најава за распределба на акции од државните компании на граѓаните се коси со јавниот интерес

од Vladimir Zorba
451 прегледи

Изборното ветување граѓаните да станат директни сопственици на дел од државните енергетски компании ЕСМ и МЕПСО, во јавноста отвори повеќе дилеми и прашања.

Експертите кои ги консултираше „Локално“, се скептици во однос на оваа, според нив, бесмислена идеја масовно да се распоредуваат акции на граѓаните.

Сметаат дека постојат поефикасни начини кои ќе овозможат енергетски компании да се доближат до инвеститорите.

„Можеби треба да се размислува наместо да се даваат акции „од хеликоптер“, да се привлечат домашни инвеститори, од кои компаниите ќе добијат свежи парични средства за реализација на своите проекти. Јас така би размислувал ако има идеја овие компании да се приближат до инвеститорската јавност. Привлекувајќи инвеститори кои ќе вложат финансиски средства, компанијата ќе мобилизира средства од инвеститорите со издавање на нови акции или државата да направи сосема нови компании каде во заедничко партнерство со јавноста, со мали приватни инвеститори, ќе направи нови фирми кои ќе вршат дејност поврзана со основната дејноста на енергетските компании и ќе функционираат како нови компании“, вели за „Локално“, инвестицискиот советник Коста Костадиновски.

Коста Костадиновски

Коста Костадиновски

Клучната поентата, по негово мислење, е компаниите да ги отворат своите проекти кои ќе креираат интерес кај јавноста и ќе имаат капацитет да мобилизираат средства од инвеститорите, во овој случај домашните.

„Компаниите треба да ги уверат граѓаните дека тие проекти ќе донесат профит, па некој инвеститор да загризе и да рече, нема да ги држам парите во банка за 2 % туку ќе му ги дадам на ЕСМ или на МЕПСО, бидејќи компанијата ќе направи и профитабилно ќе стопанисува со инвестициски проект“, истакнува Костадиновски.

Наведувајќи начини како тоа може да се спроведе во корист на сите страни, Костадиновски го посочува примерот со граѓанската обврзница, инструмент со кој според него може да се обезбеди финансирање и на јавните претпријатија за комунални услуги или за концесии за патишта, аеродроми, ски центри и слично.

„Со вакво финансирање може да се направи вториот дел од жичницата на Водно. Тоа е комерцијален потфат кој има реална бизнис логика. Жичницата е профитабилен сегмент од ЈСП и остварува приходи, остварува профит и може да дели дивиденда како награда за преземениот ризик за финансирање на овој потфат. Или кога на пример ЕСМ би направил нова гасна централа, како замена за РЕК Битола, со поврат на инвестицијата од 10-15 % на годишно ниво, и тоа да враќа како дивиденда 6-8%, јас би вложил дел од моите пари во тој проект. Ќе го преземам ризикот од бизнисот со гасни централи, ќе добивам дивиденда а државата ќе има додадена вредност бидејки супституирала капацитет што е нужно потребен на државата. Целата држава, вклучително и граѓаните ќе има интерес и додадена вредност“, дециден е Костадиновски.

Како сличен модел го наведува и примерот со еден од мостовите на Босфор.

„Во Турција, на пример, на ваков начин пред 50-тина е финансирана изградбата на првиот мост на Босфор во Истанбул. Државата формирала друштво кое го изградило мостот, до денес наплаќа мостарина, по истиот принцип како кај нас што се наплатуваат патарини, и стопанисува со мостот. Тоа е еден исклучително илустративен пример за тоа како треба се доближат проектите од државен и јавен интерес до инвеститорската јавност. Денес Турција има еден од најразвиените пазари на капитал во Европа“, истакнува тој

Од друга страна за дел од експертите идејата одреден процент на акции на енергетските компании да се поделат на сите граѓани, е целосно неприфатлива.

Според Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, нема потреба да се привлекуваат инвеститори во енергетиката бидејќи нив и без тоа ги има многу. Единственото решение тој го гледа во поставување на професионални раководства.

Бранимир Јовановиќ

Бранимир Јовановиќ

„Енергетиката е високопрофитабилна дејност последниве години, и ќе станува сѐ повеќе профитабилна. Потребно е само државата да почне да вложува во неа, и инвестициите многукратно ќе се исплатат. Тоа сега не се прави само затоа што на никој не му е гајле за државата и за националните интереси, сите гледаат само како тие и нивните бизнис партнери да се збогатат преку ноќ. Единствениот нов модел кој е потребен е – да се постават професионални, независни и стручни директори, и да се остават истите да работат непречено, без партиски притисоци за местење тендери и вработувања партиски кадри. Тој модел македонските политичари уште не го откриле, иако тој со години се применува успешно и во Австрија и во многу други европски земји“, објаснува тој.

Зад целата идеја според него стојат затскриение интереси на поединци.

„Не смеат да го најават тоа отворено, свесни за револтот што би го предизвикало тоа во јавноста поради приватизациите од 1990-тите, па го прават тоа вака, заткулисно. За многу кратко време, акциите ќе ги купат моќни поединци, и ќе станат газди на компаниите. За кратко време ќе ги средат фирмите, бидејќи нема веќе партиите да им се мешаат во работењето, и ќе остваруваат милионски добивки, кои ќе си ги ставаат во своите џебови, наместо тие пари да завршуваат кај државата“, потенцира Јовановиќ.

Според изборните ветувања 49 % од компаниите би биле доделени на сите полнолетни граѓани односно секој граѓанин би добил по околу осум акции. На тој начин се очекува да се зголеми транспарентноста и ефикасноста во работењето на компаниите а граѓаните би добиле капитал, дивиденда и можност да одлучуваат за иднинатата на фирмите. Во 2025 г оваа мерка би се имплементирала во АД ЕСМ а во 2028 во АД МЕПСО.

К.В.С.

Слични содржини