Експертите поделени околу распуштањето на Судскиот и Советот на јавни обвинители: „Вистинскиот проблем е што не постои проверен модел кои во држави без култура на владеење на право би бил пофункционален“

од Nikola Popovski
1,8K прегледи

„Мора да ги распуштиме Судскиот совет и Советот на јавни обвинители“. Вака порачаа од ВМРО-ДПМНЕ за време на изборната кампања и презентацијата на изборната програма „Платформа 1198“, пред да издвојуваат убедлива победа на двојните избори. Од ВМРО-ДПМНЕ појаснуваат дека кога велат распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители мислат на разрешување само на дел од членовите избрани од страна на Собранието. Потоа, со нови критериуми, би избрале неколку нови членови на советите, на местото на разрешените. Тоа, во комбинација со засилени проверки на имотот на судиите и обвинителите и примена на препораките на ЕУ, сметаат дека ќе даде нов квалитет. Од партијата сметаа дека одлуките на судовите биле диригирани од претходната власт, односно судската и извршната власт биле споени.

Нештата денеска се закомпликуваа откако првиот човек во Министерството за правда, Кренар Лога се пожали до меѓународните институции, испраќајќи писма, наведувајќи дека парламентарното мнозинство на тој начин подготвува „упад“ во правосудниот систем. Дел од експертската јавност смета дека распуштањето на Судскиот и на Советот на јавни обвинители е комплицирано прашање и речиси неостварливо. Поранешната судијка во Судот во Стразбур и членка на работната група формирана од Министерството за правда, Маргарита Цаца-Николовска во разговор за „Локално“ вели дека генерално не е во ред „упад“ во двата органи без пред тоа да се елаборира и да се презентира се она што е потреба за таквото нешто и дали воопшто постои уставна и законска можност да се направи.

Маргарита Цаца-Николовска

-Постои работна група формирана од МП која што работи за измени на Законот за судски совет, врзано за препораките на експертската група, така да и тоа треба да се земе во предвид, за да се даде одговор што е потребно понатаму да се прави. Инаку се ќе остане во сферата на шпекулации, а тоа не е добро за независното судство, ниту за обвинителство, ниту за демократскиот процес и тоа што значи владење на право, порачува поранешната судијка.

Во врска со писмото на Лога до надворешните институции, Николовска истакнува дека не знае што пишува во него, но во принцип мораме да ги завршиме работите на домашно тло.

-Ако сакаме после тоа, можеме да имаме оценка од стрнаа на независни институции, во однос на квалитетот на тие промени. Самото изготвување на овие закони, факт е дека во дадениот момент имаме концентрација во Собрание, па претпоставувам утре кога ќе се даде мандат, и во Владата и во одредени локални управи. Тоа е изразено преку гласање. Во оваа насока, нема друго што да се каже, освен дека не е добро таквата концентрација да биде во една политичка партија, без разлика за која партија станува збор. Очигледно дека тоа на гласачите не им е битно, кога ваков начин направиле ваков избор по однос на гласањето, тврди поранешната судијка.

Околу тоа зошто не се „тера“ по извештајот од Оценската мисија, каде точно е наведено што треба да се преземе од страна на органите на државата за подобрување на состојбите во судството, Николовска не може да одговори заради тоа што досега оваа работна група која го подготвува Законот за судски совет, подолго време работи на потребните измени.

-Дали тие измени ќе бидат земени во предвид од идната Влада и Собрание, не можам да кажам, но знам дека многу детално и стручно се работи во таа група и се имплементираат сите забелешки и препораки од страна на експертската група, оценува членката на работната група.

Гордан Калајџиев

Со свој став излезе и универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев. Според него, моделот со Судскиот совет и неговиот пандан Советот на јавни обвинители упорно беше форсиран при реформите во новите демократии и покрај познатите слабости во неговата примена.

-Кај нас тој доживеа вистинско фијаско и оттука се логични предлозите за нивно напуштање или сериозна реформа затоа што е очигледно дека тие развиле практики и начин на функционирање кои се практично непоправливи, вели Калајџиев во кратка изјава за „Локално“.

Тврди дека вистинскиот проблем е што не постои проверен модел кои во држави без култура на владеење на право како нашава би бил пофункционален.

Кренар Лога

Интересно за споменување е што Лога уште лани излезе со иницијатива за распуштање на сегашниот состав на Судскиот совет по контроверзните случувања во ова тело, но и по анкетата на ОБСЕ во којашто голем дел од судиите не веруваат независноста на Советот.

За ова, во јуни 2023 година, рече дека разговарал со и со власта и со политичките партии.

-Тоа што се случи во Судски совет сите не загрижува и го осудуваме тоа. Очекувам враќање во нормала. Едно од можните решенија, за кои разговарам и со политичките партии и со власта, е со законски преодни одредби да имаме престанок на мандатот на сегашниот состав на ова тело, изјави тогаш министерот за правда во заминување.

Холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, кој претходно го нарече судскиот совет нелигитимно тело, лани истакна дека амбасадата останува на ставот за советот, како и дека очекуваат надлежните органи да ги преземаат сите мерки за распуштање на членовите.

Судскиот совет, кој брои 15 члена, се соочуваше со голем број критики во јавноста. Сè почна со писмото на Амбасадата на САД, во кое беа изразени загриженоста и разочараноста при постапувањето на судовите. Потоа почнаа караниците на седниците.

Н.П.

Слични содржини