Министерството за внатрешни работи на самопрогласеното Придњестровје, на истокот на Молдавија, денеска соопшти дека имало две експлозии во селото Мајак, во областа Григориопол.
Експлозиите ги оневозможија двете најсилни антени на радио центарот кои емитуваат руска радио програма, пренесе РИА Новости.
Во експлозиите нема повредени.
Претседателката на Молдавија, Маја Санду, денеска свика седница на Врховниот совет за безбедност на земјата поради инцидентите што се случија во самопрогласениот регион Придњестровје, соопштија од нејзиниот кабинет, пренесува Ројтерс.
„Врховниот совет за безбедност ќе заседава во Претседателството од 13 часот. По средбата, во 15 часот, претседателката Санду ќе одржи прес-конференција“, се вели во соопштението.
Во самопрогласената Придњестровска Република Молдавија (ПМР) е воведено црвено ниво на терористичка закана, кое предвидува усвојување дополнителни мерки за обезбедување на безбедноста на поединците, општеството и државата, објавено е на веб-страницата на претседателот на ПМР – Вадим Красноселски.
Се наведува дека „во терористички напади“ е оштетена зградата на Министерството за државна безбедност ПМР во Тираспол, воената единица кај селото Паркани и кулата на радио-телевизискиот центар кај селото Мајак.