Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников одби да коментира за време на посетата на Данска дали неговата војска била вмешана во експлозиите во складиште за муниција на Крим, велејќи дека тие биле предизвикани од лошо изгаснати цигари.
„Мислам дека руските војници на аеродромот заборавија едно многу едноставно правило, а тоа е да не се пуши на опасни места. И тоа е тоа“, рече Резников иронично пред новинарите во Данска, каде што е на донаторска конференција за Украина.
Едно лице загина, а друго е рането во вторникот во експлозија во складиште за муниција на воениот аеродром на полуостровот на Црното Море Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година.
Руската војска соопшти дека ниту размена на оган, ниту бомбардирање не биле причините за експлозиите, како што прво објавија властите на Крим.
Фото: WillWest News / Profimedia