Четири лица се водат како исчезнати во силна експлозија што утрово се случи во словенечкиот град Кочевје, најмалку 20 лица се повредени, од кои двајца потешко.
Според Дирекцијата за цивилна заштита и помош при катастрофи, две од повредените лица се здобиле со тешки изгореници и со хеликоптер се пренесени во Клиничкиот центар во Љубљана.
За словенечката телевизија N1 Примож Великоња од Здравствениот дом Кочевје изјави дека четири лица се водат како исчезнати и дека не станува збор за вработени во хемиската фабрика „Меламин“.
Градоначалникот на Кочевје, Владимир Пребилич, во изјава за медиумите рече дека несреќата нема поголеми негативни влијанија врз животната средина, но ги советува жителите на ова место да останат во своите домови.
А, ако веќе треба да излезат, тогаш препорачува да се носат маски, додека, како што рече, не се знаат резултатите од мониторингот на чистотата на воздухот.
Директорот на компанијата „Меламин“, Среќко Стефаниќ, вели дека експлозијата се случила утринава при префрлање на супстанца испорачана со цистерна.
Тој рече и дека нема опасност од нови експлозии, односно испуштање на опасни материи.
Тој кажа дека е изненаден од експлозијата чија причина се уште не е позната.