Eldorado Gold отвора рудник на Халкидики – бакар и злато за новата глобална економија

Халкидики – место каде што обично Македонците „бегаат“ на море – наскоро ќе добие нов статус: индустриски регион со инвестиција вредна 1 милијарда долари. Eldorado Gold потврди дека рудникот „Skouries“ ќе започне со експлоатација на почетокот на 2026 година. Изведбата е 70% завршена.

од Vladimir Zorba
13 прегледи

Халкидики – место каде што обично Македонците „бегаат“ на море – наскоро ќе добие нов статус: индустриски регион со инвестиција вредна 1 милијарда долари. Eldorado Gold потврди дека рудникот „Skouries“ ќе започне со експлоатација на почетокот на 2026 година. Изведбата е 70% завршена.

Рудникот ќе комбинира подземен и површински коп, со фокус на злато и бакар – материјали кои се централни за економијата на иднината: златото останува безбедносен финансиски штит, а бакарот е неопходен за електрификација, батериски системи и зелена енергија.

Грчките медиуми веќе прогнозираат дека ова ќе го редефинира Халкидики – од туристичка икона во регионален технолошко-индустриски центар.

Извршниот директор на Eldorado Gold, Џорџ Бeрнс, изјави дека проектот Skouries напредува стабилно.

„Тоа се должи благодарение на искусниот тим на терен, кој работи над очекуваната продуктивност. Компанијата е целосно фокусирана на почетокот на производството на бакарно-златен концентрат во првото тримесечје на 2026 година, што е клучен момент за Eldorado“, нагласува Бернс.

Капиталната вредност на проектот Skouries е зголемена во февруари на 1,06 милијарди долари, што е за 143 милиони повеќе од претходните проценки. Компанијата Eldorado го објаснува зголемувањето поради недостигот на работна сила во Грција и потребата за побрза набавка на опрема со голем капацитет. Инаку, рудникот претходно се соочуваше со критики од страна на дел од активистите и лолални жители, па проектот беше замрзнат меѓу 2017 и 2021 година. По потпишување на нов договор со грчката влада во 2021, Eldorado ја обнови изградбата на рудникот кон крајот на 2022 година. Рудникот, кој ќе отвори над 100 директни и индиректни работни места, поседува докажани резерви од 3,7 милиони унци злато и 1,7 милијарди паунди бакар, а предвидено е да работи 20 години.

Претходно и од Романија пристигнаа информации дека се на чекор до изградба на еден од најголемите рудници за бакар и злато во Европа, „Долина Ровина“. Процедурите за проектот забрзаа откако тој се најде на листата на 47 стратешки проекти на Европската Унија, кои тежнеат да го направат континентот енергетски независен од трети страни. Зад овој проект стои компанијата „Еуро Сан Мајнинг“, како и инвеститорот Трафигура, а рудникот за бакар содржи околу 10,4 милиони унци еквивалент на злато.

Во регионот и компанијата „Аурубис Бугарија“ соопшти дека ќе инвестира 115 милиони евра за да ја спроведе најголемата реконструкција во последните 30 години на постоечки рудник за производство на бакар во близина на Пирдоп и Златица. Од компанијата со германска позадина истакнаа дека реконструкцијата е дел од нивната четиригодишната програма во вкупна вредност од 400 милиони евра, со цел да се обезбеди долгорочна иднина на рудникот во близина на Пирдоп и Златица и за да се доближи политиката на компанијата до целите на Европската Унија за обезбедување критични минерални суровини.

Интересот за бакарот порасна откако Брисел го постави на листата н критични минерални суровини, бидејќи без него не можат да се произведат електричните возила, соларните и ветерните турбини користат бакар за трансфер на енергија, а исто така и модернизацијата на енергетските мрежи изискува огромна количина на бакар. Унијата реши да ги олесни процедурите за производство на критичните минерални, за да не биде зависна од трети земји, а во меѓувреме и американскиот претседател Доналд Трамп ги олесни процедурите за ископ на бакар во САД и најави повисоки даноци за увоз, со цел да го покрене домашното производство.

Од друга страна, Македонија не може да се пофали со искористување на своите ресурси на бакар. Единствен активен рудник за бакар во земјата е Бучим, заедно со развојната компонента во Боров Дол. Според дел од геолозите и инженерите, Македонија лежи на бакар и злато, а ваквите тврдења се потврдуваат и во нацрт Стратегијата за минерални суровини, која ја изготвува МАНУ, Сепак, најчесто поради правната несигурност и одредени критики, инвестициите за рудници во бакар во земјава не се реализираат. Такви примери се Казандол и Кожуф. Во моментов, неизвесна останува единствено иднината на инвестицијата за рудник за бакар во Иловица.