Ељшани за настаните во Бањска: Целта на косовската полиција не беше да ги убие напаѓачите, туку да ја ослободи територијата од криминалната група

од Radmila Tasevska
239 прегледи

Вршителот на должноста директор на косовската полиција за северниот регион, Ветон Ељшани, денеска изјави дека целта на полицијата не била да убива вооружени лица во селото Бањска, туку да ја ослободи територијата од „криминална група“.

Говорејќи за медиумите од местото на нападот во неделата во кој загина припадник на косовската полиција и најмалку тројца Срби од северно Косово, Ељшани рече дека истрагата за случајот „ќе потрае некое време“.

„Планот на полициските службеници на местото на настанот беше многу добар. Немаме намера да убиеме 30 луѓе. Нашата цел беше да ја ослободиме нашата територија од криминални групи. Ако имаше повредени и жртви, тоа беше дел од процесот. Веруваме дека со што помала штета успеавме да дојдеме до целта, изјави Ељшани.

Тој рече дека и полицијата ја интересира зошто селото Бањска е „избрано за напад“ и која била намерата на групата од триесетина вооружени Срби.

Ељшани соопшти дека претресите и контролите во атарот на селото Бањска се завршени.

„Доста добро ја проверивме околината, но постои можност да има неексплодирани направи и затоа сметаме дека опасноста се уште не е помината иако најдовме голема количина оружје и опрема“, рече Елшани.

Тој прецизираше дека полицаецот Африм Буњаку загинал на главниот пат кај мостот каде што биле поставени барикадите.

„Тука почна размената на оган, пристигнаа други единици и од таму почна сè“, рече Ељшани и додаде дека за време на полициската акција жителите на Бањска биле „кооперативни“.

Тој додаде дека полицијата во тоа село дејствувала „во координација“ со мисијата ЕУЛЕКС и изјави дека косовската полиција е подготвена да реагира доколку се случат слични инциденти.

Слични содржини