Музичарот Раде Врчаковски-Врчак се огласи на социјалните мрежи по тешката трагедија во Кочани. Врчак е добар пријател со членовите на бендот ДНК и имаше одлична соработка до пред несреќата на нивниот настап во дискотеката „Пулс“. По неговото повлекување од јавноста, токму Андреј и Панчо беа тие што успеаја да го вратат на сцената со дуетската песна „Посреќна“ во 2023 година.
Врчак потенцира дека последната песна со починатиот Андреј од ДНК ја снимиле само неколку дена пред истиот да почине, а сега ја пуштил да ја слушне повторно.
„Последната песна со Андреј… Јас до вечерва неможев да слушам музика, неможев ни на Фејсбук да гледам ништо… Уште неможам, уште закрепнувам ама пред малку ја пуштив да ја слушнам последната песна со Андреј што ја снимавме неколку дена пред да загине – кога му го слушнав гласот ме врати во живот цела љубов и позитивна енергија на Андреј ми се врати во душата, а цела тага ми се претвори во уште поголема љубов“, стои во објавата на музичарот.
Букинг-агенцијата “Sure Shotz Entertainment”, зад која стои Владимир Блажев-Панчо од ДНК кој го преживеа хоророт во „Пулс“, каде за жал починаа 61 лице, меѓу кои и неговите пријатели и соработници, собраа сила и се огласија по големата трагедија која ја зави цела Македонија, Балканот но и светот во црно.
-За крај, ви се заблагодаруваме на сите кои се интересирате за Панчо, тој е во стабилна состојба и веруваме дека ќе напредува со својата рехабилитација. Патот е долг, но ние сме со тебе стари, како до сега така и во иднина, објавија меѓу другото оттаму.