Ендру Маунтбатен-Виндзор беше уапсен денес во неговиот имот Вуд Фарм во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден, објави британскиот „Телеграф“, повикувајќи се на неименувани извори.
Ендру беше уапсен под сомнение за злоупотреба на јавна функција.
Британската полиција издаде соопштение во кое се вели дека маж на возраст од шеесет години од Норфолк е уапсен под сомнение за злоупотреба на јавна функција и дека во моментов се во тек претреси во домови во Беркшир и Норфолк.
„Мажот моментално е во полициски притвор. Нема да го именуваме уапсениот маж, во согласност со националните упатства. Ве молиме, имајте предвид дека овој случај е моментално активен, па затоа треба да се биде претпазлив со секое објавување за да се избегне непочитување на судот“, се вели во полициското соопштение.
Заменик-шефот на полицијата Оливер Рајт изјавил дека по темелна проценка, е отворена истрага за тврдењето за злоупотреба на службената должност.
„Важно е да го заштитиме интегритетот и објективноста на нашата истрага додека соработуваме со нашите партнери за да го истражиме ова наводно кривично дело. Го разбираме значајниот јавен интерес во овој случај и ќе дадеме ажурирања навремено“, рекол Рајт, според Би-Би-Си.
Шест необележани полициски автомобили и околу осум полицајци во цивил биле видени на местото на настанот, од кои еден носел полициски лаптоп, објавува Телеграф.
Еден од автомобилите влегол во предниот влез на куќата, додека преостанатите возила го користеле задниот влез од селската куќа со пет спални соби во селото Волфертон.
Потоа биле видени необележани полициски автомобили како заминуваат во интервали од околу 30 минути, додека се верува дека трет е безбедносна придружба на војводата.
Полицијата моментално ги проценувала обвинувањата против Маунтбатен-Виндзор од евиденцијата на осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.
Тврдењата вклучуваат споделување чувствителни информации со Епштајн за време на неговиот мандат како британски трговски претставник, како и обвинувања за сексуален напад.