Денеска Европскиот парламент отвори истрага за тврдењата во медиумите дека латвиската пратеничка Татјана Жданока неколку години работела како агент на Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).
Од кабинетот на претседателката на парламентот, Роберта Мецола, велат дека „тие тврдења се сфатени многу сериозно“.
Мецола истрагата и ја довери на парламентарната комисија задолжена за почитување на кодексот на однесување на пратениците.
Медиумите од Русија, Летонија, Естонија и Шведска, по заедничка истрага, врз основа на неколку нејзини мејл пораки, тврдат дека Татјана Жданока била агент на ФСБ од 2004 година.
Шведскиот весник „Експресен“ наведува дека Жданока „ширела пропаганда за наводно кршење на правата на Русите на Балтикот и се залагала за политиката на Кремљ“.
Во Европскиот парламент, европратеничката одби да го осуди рускиот напад врз Украина, тврди „Експресен“.
Мецола има намера утре да разговара за овој случај со лидерите на политичките групи во Европскиот парламент.
Татјана Жданока е независна пратеничка и не е поврзана со ниту една политичка групација, според АП.
Службата за државна безбедност на Латвија (ВДД) објави дека планира да ја истражи наводната соработка на Татјана Жданока со руските разузнавачки и безбедносни служби, но нагласи дека до 2016 година, законската рамка на Летонија не предвидувала кривична одговорност за соработка со странски држави и организации насочени против Рига.
Затоа настаните во периодот од 2005 до 2013 година, опишани во медиумите, не можат да се оквалификуваат како криминални активности, поради што не е можно кривично да одговараат за таквите активности, наведуваат од ВДД.
Утврдено е и дека Жданока ужива имунитет како пратеник во Европскиот парламент.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ги окарактеризира обвинувањата против европратеничката како „лов на вештерки“.
Тоа во никој случај не е во согласност со таканаречените идеали на демократијата кои доминираат во Европа, рече Песков.