Епидемиолошката состојба во врска со ковид 19 во Индонезија е близу до катастрофа, додека се повеќе доминира делтата варијанта на коронавирусот, што се пренесува побрзо и претставува дополнителен товар за болниците, објави денеска Црвениот крст.
Во последниве денови, во Индонезија се пријавуваат повеќе од 20.000 нови случаи на инфекција дневно, предизвикани од појавата на новиот, позаразен делта сој на коронавирусот, како и зголемена подвижност на жителите по муслиманскиот месец на постот.
– Секојдневно гледаме дека овој делта сој ја турка Индонезија поблизу до катастрофа – рече Јан Гелфанд, шеф на индонезиската делегација на Меѓународната федерација на друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина, апелирајќи за подобар глобален пристап до вакцините.
Болниците во неколку „црвени зони“ се со исполнети капацитети, вклучително и во Џакарта.
Здравствените работници се залагаат за поостри ограничувања бидејќи стапката на инфекција се зголемува на невидени нивоа. Тие повикуваат на построги контроли на ограничувачките мерки.
– Болниците се полни поради растот на бројот на заразени лица по зголемената мобилност на населението и непочитувањето на мерките за ограничување и другите здравствени протоколи поради појавата на делта варијантата – изјави службеникот на градското Министерство за здравство, Надија Тармизи.
Од вкупно 181,5 милиони жители во Индонезија, досега се вакцинирани само 13,3 милиони луѓе.